Света и Марија : Моден викенд стана регионален бренд
Деновиве ќе дуваат свеќи од славеничката торта на Моден викенд – Скопје, кој одбележува 18 сезона. Тие се ударната и атрактивна двојка на престижниот моден настан веќе девет години – организаторката Света Богова-Јовановска и Марија Илиќ, која е задолжена за односи за јавност.
Ќе си посакаат уште многу успешни години, да е жив и здрав Жаре, посетени ревии, успешни дизајнери, задоволни гости, публика и спонзори.
На прв поглед се како јинг и јанг. Света – тивка, нежна, но решителна со прекрасни идеи за секоја сезона, секогаш во сенка за време на ревиите. Марија – директна, динамична, која ги решава непријатните ситуации, но секогаш на ревиите, на располагање на новинарите и гостите, со професионалноста и дозата на хумор.
Славите 18.сезона Моден викенд – Скопје. Дали сонот стана реалност?
Света и Марија: Секоја сезона сè посилно се трудевме сонот Моден викенд – Скопје да стане регионален бренд и мислиме дека успеавме. Македонија има исклучително талентирани дизајнери и голем потенцијал, но Моден викенд – Скопје е едно парче од големиот мозаик. Дизајнерите, креативците, партнерите, текстилните фабрики и другите уметници поврзани со модата, сите заедно ја правиме целосната слика, и затоа мораме со заеднички сили да се трудиме уште поупорно нештата да стануваат сè подобри.
Како ги избирате учесниците?
Света: Докажаните имиња, односно оние што се редовни учесници, доколку имаат подготвена колекција, често и самите се пријавуваат уште на самиот почеток од подготовките бидејќи периодот кога се одржува настанот е веќе добро познат. На младите дизајнери и новите имиња им даваме особена поддршка доколку сметаме дека се подготвени да имаат ревија и секако имаат што да покажат. Некогаш има голема разлика од скица до реализација.
Дали на ФВСК му приоѓате како на уметнички или како на комерцијален настан?
Марија: Модниот викенд и модните недели воопшто и во светот ги имаат двата аспекта. Тоа се трудиме да се случува и кај нас. Програмата кај нас покрај модата и уметноста, содржи и бизнис и едукативен дел. Сè она што се продава, односно може да се купи, секако има комерцијална нишка, а модата во светот е навистина сериозен бизнис во кој се вртат големи суми. Самите колекции се мини-уметнички дела бидејќи се нечие творештво, односно дизајн.
Што е за вас успешна ревија?
Света и Марија: Успешна ревија е комбинација од колекција која ќе си го најде патот до купувачите, во публиката да седат клиенти и потенцијални клиенти и, секако, публиката што е присутна на ревиите да ужива во она што го гледа.
Што е она што обичните луѓе, кои тежнеат за гламур, не го гледаат, а се случува зад сцената?
Света: Верувам дека барем оние што редовно доаѓаат на нашиот настан ги гледале видеата од зад сцената како кај нас, така и оние од модните сцени во странство. Зад сцената се случува креативен хаос, манекенки што се подготвуваат со шминка, фризура, се преоблекуваат или, пак, јадат овошје додека го чекаат својот ред. Сè на сè, една многу жива атмосфера со голем тим.
Лејла Сабит Фото: Приватна архива