Сараево: Убиството на полицајците – терористички акт
Општинските советници на Нови Град го окарактеризираа вчерашното убиство на сараевските полицајци како терористички акт, изјави денеска претседавачот со Советот, Русмир Баљиќ. Тој појасни дека советниците се раководеле од тоа дека слични случувања во БиХ и регионот биле третирани како терористички акт.
„Сметаме дека ова е нешто што треба сериозно да не загрижи, особено кантонот Сараево. Конечниот збор ќе го даде обвинителството, а додека не се огласи ние тоа го нарекуваме терористички акт. Ова е свирепо убиство на полицајци кои ја вршеа својата должност штитејќи не нас и нашиот имот“, рече Баљиќ. Комесарот на полицијата, Мевлудин Халиловиќ, рече дека моменталната безбедносна ситуација во кантонот Сараево е нарушена и дека е неопходна подобра соработка меѓу полициските агенции, пренесува Танјуг.
Претходно медиумите објавија дека двојното убиство се случило во петокот наутро, околу 4 часот, кога крадците на автомобили пукале во полицијата. Еден од полицајците животот го загубил на самото место, а другиот бил со сериозни повреди. По неколкучасовната борба за живот, тој им подлегнал на тешки повреди на главата во болницата во која бил пренесен на лекување.
Според медиумите во регионот, станувало збор за двајца полицајци кои биле со долгогодишно работно искуство.