Ромите пред законот се исти, но во здравствената пракса се дискриминирани


Ромите се соочуваат со проблеми при пристапот до здравствена заштита особено поради тоа што голем процент од нив не се здравствено осигурани, истакнаа учесниците на јавната дебата „Пред законот Ромите се исти, во здравствената пракса се дискриминирани“.

Јована Јовановска Кануркова од Хелсиншки комитет за човекови права во Република Македонија истакна дека според неофицијалните податоци на невладиниот сектор, 20 до 30 отсто од Ромите немаат здравствено осигурување, што најмногу се должи на немањето лична документација за идентификација, државјанство, дел не се пријавуваат како невработени или не се вработени, значи ги нема во системот на Агенцијата за вработување.

– Ромите се дискриминирани при третманот од здравствените работници. Имаме документирано случаи на дискриминација од страна на доктори, сестри, некогаш немале пристап до болницата…, додаде Јовановска Кануркова.

Според неа, треба да продолжи праксата на здравствени медијатори, бидејќи сите се потпираат на нив и придонеле за поголема здравствена заштита и осигурување на Ромите, обуките на здравствените работници во насока на еднаков пристап како и за другите пациенти и зголемување на буџетските ставки кои се однесуваат на нивно домување, образование и вработување.

Според ромскиот здравствен медијатор и претседател на организацијата „Umbrella“ од Шуто Оризари, Љатифе Шиковска, едни од најголемите проблеми се бездомните семејства и лицата без лична документација, тие се најдискриминирани.

– Поголемиот дел од Ромите немаат пристап до квалитетни здравствени услуги. Се обидуваме да го смениме тој однос, секој граѓанин да има еднаков пристап и третман. Продолжува праксата на наплаќање на бесплатни прегледи генерално од страна на матичните лекари и гинеколози, а тоа се случува и во Шуто Оризари. Се обидуваме навремено да реагираме надлежните институции тоа да го спречат, затоа што жената Ромка не секогаш е во можност да ги плати тие бесплатни прегледи, додаде Шиковска.

Јавната дебата се одржа во организација на Фондацијата за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа, во рамки на активностите на проектот „Менување на наративите кон Ромите во здравствените институции“, финансиран од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија.