Рок-легендата Џони Холидеј ги оставил биолошките деца без наследство


Франција- Кланот Холидеј во жешка борба за наследството на Џони Холидеј. Два месеци по неговата смрт, сеќавањето за него може да биде извалкано. Причината лежи во одлуката на рок пејачот да ги лиши од наследство своите биолошки деца – Давид Холидеј, од бракот со Силви Вартан, и Лаура Сме, од бракот на Џони со Натали Бај.

Во тестаментот Џони ја посочува како единствен наследник на богатството својата последна сопруга Летиција. Нешто повеќе – во случај на предвремена смрт на Летиција, богатството ќе стане сопственост на Жад и Џои, кои двојката ги посвои од Виетнам.

Скандалот изби кога Лаура јавно изјави дека ќе го оспори на суд тестаментот на својот татко. До својата полусестра застана и Давид, кој исто така ќе ги бара своите права по судски пат.

Француското законодавство не дозволува лишување од наследство на родени деца, но тестаментот на Холидеј е направен во Калифорнија, каде законите во оваа насока се доста флексибилни.

Истакнати француски адвокати веќе изразија мислење дека судската битка на првородените деца на Холидеј е однапред осудена.