Робот ќе ги оперира Хрватите
Хрватска- Во современата медицина повеќе операции се извршени од страна на роботи, а Хрватска наскоро, со помош на грантови од фондовите на ЕУ, треба да го добие првиот роботски хируршки систем во Клиничкиот болнички центар (KБЦ) Загреб.
Хрватските медиуми наведуваат дека со помош на тој систем ќе оперираат и хирурзи од други болници, а ќе се едуцираат и млади доктори.
Во КБЦ Загреб се формира Национален роботски центар, кој треба да почне со работа во пролет следната година. Роботот чини околу два милиони евра, а средствата за набавка се обезбедени пред шест месеци од фондовите на ЕУ.
Хрватскиот министер за здравство Милан Кујунџиќ, изјави дека со помош на роботи денес најмногу се оперираат карциноми на простата, како и сите тумори во пределот на стомакот и градите, но се вршат и гинеколошки операции.
Се наведува дека началникот на Клиниката за урологија во КБЦ Загреб, Жељко Каштелан присуствувал на такви операции во странство и набавката на роботот ја смета како голем напредок за хрватската хирургија.