Пчеларството во тренд, станува и семеен бизнис
Посочи дека на саемот има 20 изложувачи од сите делови на државата, на штадовите се изложени мед и пчелни производи, а се нуди и пчеларска опрема за потребите на пчеларите. Единаесет пчеларски здруженија, нагласи, активно членуваат во Пчеларската федерација, а членуваат и поединци пчелари.
– Поради климатските промени медот е со намален принос и имаме недостиг на квалитетен македонски мед. Ова е можност граѓаните да дојдат и да го дегустираат вистинскиот мед, истакна Марков.
Во врска со субвенциите рече дека државата преку програмите одвојува 600 денари по презимено пчелно семејство.
– Органското пчеларење е повеќе дефинирано, со тоа што услов во Правилникот е за оние кои имаат над 35 пчелни семејства да може да аплицираат за субвенции, додека ако имаат повеќе од 50 пчелни семејства, а помалку од сто, тогаш субвенциите се 800 денари, додаде Марков.
Пчеларскиот саем го отвори заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Благе Цветковиќ, кој рече дека според податоците добиени од Агенцијата за храна и ветеринарство, во државата се регистрирани 6.000 одгледувалишта на пчели со над 240.000 пчелни семејства.
– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство финансиски ги поддржува одгледувачите на пчели. Посочи дека во деловите на органското производство оваа мерка е 50 отсто повеќе. Стратегија на Владата и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е јасна, ќе го поддржуваме максимално пчеларството, додаде Цветковиќ.
Главен покровител на Пчеларскиот саем е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, домаќин е Град Скопје, а организатор е Пчеларската федерација. Штандовите денеска ќе бидат отворени до 20 часот, а утре од 8 до 19 часот.