Продолжен притворот на пратениците на „Самоопределување“


Основниот суд во Приштина донесе одлука за еден месец да им се продолжи мерката притвор на двајцата пратеници на „Самоопределување“ Албин Курти и Доника Кадај-Бујути.

Тие во притвор остануваат до 27 јануари.

Курти и Кадај-Бујути беа уапсени на 27 минатиот месец, на влезот на зградата на Собранието.Налогот за апсење го издаде Основниот суд во Приштина затоа што не се појавија на рочиште.

По неколку дена мерката затворски им беше заменета со домашен привор,но повторно беа вратени во затвор поради непочитување на истата,односно учествувале на прославата на победата на изборот за градоначалник на Приштина на нивниот сопартиец,Шпенд Ахмети.

Им се суди за фрлање солзавец во собраниската сала,кога на дневен ред беше ратификацијата на договорот за демаркација на границата со Црна Гора.

И претходно,на 20 декември, Судот во Приштина го одби барањето на нивната одбрана за ослободување и замена на притворот со друга мерка.

Во меѓувреме Курти денеска ја официјализира кандидатурата за претседател на „Самоопределување“ чиј основач е и ја предводеше до март 2015 година. Партијата, нов лидер, ќе избира на Конгресот во февруари идната година.