Претседателот Мета не го потпиша Законот за буџетот за 2019 година


Албанскиот претседател Илир Мета не го потпиша Законот за буџет за 2019 година и попладнево го врати до Собранието на повторно разгледување.

Во образложението се наведува дека буџетот треба да обезбеди простор за исполнување на студентските барања.

– Претседателот на Републиката, Илир Мета, следејќи ја внимателно најновата политичка ситуација во земјата, поздравувајќи го широкиот јавен консензус за барањата на студентите, кои од страна на сите политички субјекти ги сметаат за фер, легитимни и изводливи и со цел да се постигне најдобар интерес за исполнување на социјалните цели утврдени во член 59 од Уставот, како и да се гарантира стабилноста во земјата одлучи Законот за буџетот за 2019 година да го врати на повторно разгледување во Собранието, се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.

Во соопштението се додава и дека претседателот Мета целосно верува дека Законодавниот дом ќе покаже сеопфатната соработка за да ги задоволи барањата на студентите  и јавниот интерес.

Во меѓувреме, откако владејачкото мнозинство не ги прифати амандманите предложени од опозицијата за измени на Законот за високо образование, опозицијата ја напушти собраниската сала, во која се врати по повеќемесечен бојкот.

Студентите повторно не ја прифатија поканата на премиерот Еди Рама да седнат  да разговарат и најавија продолжување на протестите и нивно радикализрање. Тие протестираат девет дена а од пред три дена, пред Владата и Министертвото за образование остануваат и во текот на ноќта.