Предлог од Виена за мировна конференција за косовското прашање


Виена – Австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе смета дека официјална Виена треба да предложи организирање мировна конференција за решавање на косовското прашање и повторно ја поддржа идејата за размена на територии.

На синоќешната средба со претставници на српската заедница во Австрија, Штрахе оцени дека косовското прашање мора да се реши бидејќи ги спречува и Белград и Приштина на патот кон ЕУ, а воедно и негативно влијае на стабилноста и мирот во регионот.

– Без решение на тој проблем, нема ни прием во ЕУ, повтори Штрахе.

Тој изрази увереност дека иницијативата за размена на територии, за која зборуваа српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи е единствен начин за конечно да се реши косовскиот Гордиев јазол.

– Австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој има одлични контакти со Приштина би требало таму да изврши влијание, а јас, кој ги застапувам интересите на Србите, би го направил тоа во Белград, рече Штрахе.