Почнуваат пробите на Евросонг: „Ај Кју“ во Лисабон


Подготвени и расположени македонскиот претставник „Ај Кју“ и македонската евровизиска делегација предводена од Мери Попова заминуваат денес во Лисабон, Португалија. Од идната недела започнуваат пробите на учесниците пред полуфиналињата на 8 и 10 мај и финалето на 12 мај.

„Ај Кју“ ја заврши промотивната турнеја низ Европа, со промотивниот евровизиски настан во Мадрид, во организација на специјализираниот медиум eurovision-spain.com . За учесниците на Евросонг беше организирана прес-конференција и средба со медиумите, а имаа и прилика да продефилираат и на црвенот килим пред бројните обожаватели. Главен настан беше концертот во легендарната сала „Ла Ривиера“, каде што и македонските претставници во живо ја претставија „Lost and found”.

Ова ќе биде 18 учество на Македонија на Евровизија. Евросонг годинава ќе се одржи под слоганот „All Aboard“ со  43 земји учеснички. Земјите учеснички, покрај Македонија, се : Албанија, Ерменија, Австралија, Австрија, Азербејџан, Белорусија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грузија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Израел, Италија, Латвија, Литванија, Малта, Молдавија, Црна Гора, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Русија, Сан Марино, Србија, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Украина и Велика Британија.

Официјално Македонија е дел од Евровизија од 1998 година, кога ова музичко натпреварување се одржа во Бирмингем, Велика Британија. Најдобриот пласман Македонија го имаше во 2006 година, кога наш претставник беше Елена Ристеска со темата “Нинанајна”. Од поранешните Ју-републики само нашата земја и Црна Гора никогаш не успеале да се најдат меѓу најдобрите 10 земји. (Л.С.)