Почина режисерот Тихомир Бачовски


Утринава ненадејно почина познатиот македонски режисер Тихомир Бачовски (68). Името на  Бачовски во македонската телевизиска меморија, најмногу се памети  од одјавните шпици на програмите од различен карактер на јавниот сервис МРТ, некогашната РТС, каде го помина речиси целиот свој работен век.

Тој ја потпишуваше режијата на различни програми од забавно-музички карактер, реклами,  документарни филмови, играна програма, како ТВ драми и ТВ серии, фестивали, манифестации. Бачовски важи за еден од доaјeните и пионерите на снимањето на македонските музички спотови уште во почетокот на 80-ите години и на еден начин важи за зачетник на овој жанр кај нас.

Неговото искуство како телевизиски режисер потекнува уште од времето кога јавниот сервис, т.е. тогашната Радио-телевизија Скопје, беше лоцирана во скопско Нерези. Неговата богата биографија зафаќа неколку страници, но во сеќавањето ќе остане запаметен како режисер на ТВ сериите: „На наш начин“, „Салон Хармони“, „Ѓоре Шнајдерот“,  и по реализацијата на стотици музички спотови, фестивали, концерти.

Погребот  на доајенот на македонската ТВ режија ќе биде извршен утре, вторник, во 13 часот на градските гробишта Бутел во Скопје.