Портпаролот на грчката влада: Создадени се услови за решавање на спорот со името


Портпаролот на грчката владата Димитрис Ѕанакопулос изрази уверување дека се создадени услови прашањето за името да биде решено во 2018.

– Ова е проблем кој ја мачи Грција и соседната земја околу 25 години. Мислам дека се создадени услови кои ни дозволуват да бидеме оптимисти дека во 2018 може да се најде взаемно прифатливо решение во рамките на сложено име, имајќи предвид и тоа дека соседната земја се повлече од некои екстремни позиции од минатото. Од грчка страна има волја и желба да се оди напред во решавањето на ова прашање – рече Ѕанакопулос во интервју за Еуроњус.

Тој истакна дека целта на грчката влада е да се изгради најширок можен консензус за решавање на овој проблем внатре во Грција и ја повика опозициската „Нова Демократија“ да пристапи конструктивно во таа насока.