Поп-пејачката Симона Попоска се омажи во уникатна венчаница: Два месеца ги везевме украсите и деталите од мониста и бисери
Шест месеци се договарала, а три месеци во модното студио на Златко Јовановски рачно се везела уникатната венчаница на поп-пејачката Симона Попоска, која изминатиот викенд направи свадба со својот избраник, бизнисменот Крис Сињори во Струга. Двојката склучи граѓански брак минатата година во септември, а сега направија само прослава во ресторан. Еден од сведоците, односно старосват на пејачката и беше мејкап-артистот Бобан Тодоровски кој, пак, бил задолжен и за нејзиниот изглед.
– Да се дизајнира за Симона беше голем предизвик затоа што ние многу пати сме соработувале заедно за низа големи проекти, настапи и фотосесии, па од една страна е полесно бидејќи кога дизајнирате за некој кој го познавате лично и приватно е полесно, но од друга страна беше за мене и притисок бидејќи сега од мене односно од нас се очекуваше најмногу! Но сега кога ги гледам сликите, ја постигнавме целта, раскажува Јовановски, кој е препознатлив по сексапилните и луксузни венчаници во земјава и регионот.
Признава дека идејата да бидат два фустана во еден била на Симона и морал да ја испочитува како таква – што и му се допаднало. Деталите, украсите, сјајот, раскошот биле оставени на него.
– Колку време?! Мххм – Многу! Искрено, ние зборуваме уште пред Нова година околу венчаницата, но официјално почнавме да ја изработуваме пред три месеци. Тогаш и стигнаа специјално нарачаните материјали од странство. Фустаните како крој би излажал ако кажам дека долго ги правевме, но од друга страна, пак, оставивме околу два месеца за везењето на украсите и деталите. Морам да додадам дека сите тантели беа рачно аплицирани, ниту еден орнамент на венчаницата не е случајно таму – вели Златко.
Како основа користеле мат сатен со текстура, што и бил единствен материјал кој е сошиен на машина, сѐ другото било рачно везено.
– Јас и мојот тим мислевме дека нема да има крај рачната работа бидејќи широката венчаница имаше шлеп долг 3,5 м, на неа беа везени краевите во кордонска бурдура, а на задниот дел два вида тантела со провидни мониста. На фустанот сирена крој, пак, беа везени тантели со стаклени мониста и шлепот беше во форма на детелина. На него имаше 12 м бурдура која рачно ја полневме со 4 вида мониста. Од професионален агол, вкупно искористивме 6 метри еден вид тантела, 3 метри друга тантела. 11 метри тантела без флорални орнаменти, 4 метри висока бурдура со стакла, 12 м бурдура која ние ја полневме со мониста и бисери и 14 м тантела од свилен конец за велот. Дури зад и копчињата беа природни бисери. И уште многу помошни материјали за комплетирање на моделот -објаснува Јовановски.
Вели дека било задоволство да се соработува со една дама со стил и притоа згодна и убава.
– Каква венчаница да облечеше ќе беше прекрасна, но затоа што Симона носеше ЈЗЈ – блескаше. Како гостин на свадбата тврдам дека беше прекрасна ноќ што ќе се памети, а на младите им посакувам сѐ што сакаат да им се исполни. Цената? Ајде не е фер да ја рушиме оваа магија со бројки и цифри. Најбитно е дека изгледаше како милион долари – вели дизајнерот Златко.
Лејла Сабит