Политичките и бизнис лидери на форум во Давос


Швајцарија- Светските политички и бизнис лидери се собираат во швајцарскиот град Давос денес за да разгледаат каква политика ќе следат соочени со опасностите предизвикани од забавениот економски раст.

Светскиот економски форум ќе трае до 25 јануари. Основната тема е глобализацијата во перидот на четвртата индустриска револуција, но организаторите ќе одделат внимание и за признаците на нова светска криза. Тие ги сметаат за главен ризик за светската заедница во 2019 година растечките тензии во геополитиката и во економијата.

Се очекува во работата на форумот да земат учество над 3.000 луѓе, меѓу кои и над 100 претседатели или шефови на влади и раководители на илјадници компании.

Многумина политички лидери нема да присуствуваат – американскиот претсеател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон како и рускиот претседател Владимир Путин.

На форумот на бизнис лидери и политичари во швајцарските Алпи, ќе присуствуваат германската канцеларка Ангела Меркел, јапонскиот премиер Шинѕоп Абе, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху и авганистанскиот претседател Ашраф Гани.

Форумот во Давос е годишна средба на претставници на политичката и бизнис елита. Од 80-те години на минатиот век има статус на еден од главните годишни настани. Освен политичари и бизнисмени во дискусиите учествуваат и претставници на општествени органзиации, научници, претставници од културата и шефови на медиуми.

Анкетата спроведена од страна на организаторите на Форумот меѓу илјадниците креатори на политиката, академици и бизнис лидери е, според американскиот „Волстрит Џурнал”, дека кибер-нападите и климатските промени се високо на листата на потенцијални опасности.

Берге Бренда, претседавач на Форумот, затоа, во изјава вели дека повеќе од кога било досега постои итна потреба да се обнови архитектурата на меѓународната соработка.

Но, до 25-ти јануари, околу 3.000 учесници на собирот во Давос тешко дека ќе најдат решенија за тие сериозни глобални ризици. Дури и девет од десет испитаници очекуваат дека односите меѓу водечките светски сили ќе се влошат во 2019 година. Покрај тоа, 88 отсто од нив очекуваат понатамошна ерозија на мултилатералните трговски прописи и договори.

– Се чини дека постои недостаток на колективна волја за справување со глобалните ризици. Наместо тоа, поделбите се продлабочуваат, се вели во извештајот, додавајќи дека колапсот на меѓународната соработка достигна „нивоа на криза” и ќе продолжи да спречува меѓународни акции за справување со кризата во оваа година.

 

Во Давос ќе учествува и македонска делегација предводена од премиерот Зоран Заев, а во делегацијата се и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши, потврди за „Независен весник“ владиниот портпарол Муамет Хоџа.

-Имајќи предвид дека Владата годинава ќе се насочи кон креирање политики за уште поголем развој на домашната економија, македонската делегација на Светскиот економски форум ќе се фокусира на остварување контакти и отворање нови можности за економска соработка со развиените земји. Во Давос секоја година на едно место се собира светската економско-политичка елита, а присуствуваат над три илјади светски лидери од сите области. Токму затоа форумот претставува одлична прилика за создавање нови пријателства и продлабочување на соработката со развиените европски, но и светски земји, велат од Владата.

Во рамките на Светскиот економски форум, Заев ќе оствари средби со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со еврокомесарот Јоханес Хан, како и со други високи гости.

Заев лани, по 15-годишната пауза, за првпат како македонски премиер ја претставуваше земјата во Давос, при што беше придружуван од десетина владини претставници. Таму дојде до првата историска средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас, каде што двајцата премиери го скршија мразот за да го решат десетгодишниот спор околу името. Само една година подоцна беа забележани конкретните резултати од тој состанок.