Полимерни банкноти од 10 и 50 денари од 15 мај


Од 15-ти следниот месец Народната банка на Република Македонија првпат воведува полимерни банкноти со апоенска вредност од 10 до 50 денари.

– Од 15 мај годинава, Република Македонија ќе биде на мапата на државите чијашто централна банка има започнато процес на полимеризација на банкнотите на националната валута. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии банкноти со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал, соопштуваат од Народната банка на Република Македонија.

Според банката оценува дека ваквите банкноти не се оштетуваат лесно, што не е случај со хартијата и имаат многу подолг век од хартиените.

Анализите покажуваат дека животниот век на банкнотите изработени од полимер е подолг за 2,5 до три пати, а во некои случаи и за четири пати од оној на банкнотите изработени од хартијата во чијашто основа се памучни влакна.

– Полимерните банкноти не може лесно да се скинат при секојдневна употреба, ниту, пак, може лесно да се оштетат при допир со вода, а се и неколкукратно поотпорни на влага во споредба со хартиените. Мошне важно, супстратот од којшто се изработуваат полимерните банкноти спречува апсорпција на нечистотија, со што овие банкноти не само што имаат подолг животен век од хартиените, туку се и похигиенски за употреба од страна на граѓаните, посочуваат од НБРМ.

Додават дека покрај долгиот животен век на овие банкноти нивната употреба значи и заштеда на ресурси и средства бидејќи потребата од нови изданија со иста апоенска вредност во иднина ќе биде многу помала.

Народната банка наведува дека изработувањето банкноти од многу тенка, флексибилна пластична фолија овозможува нивниот дизајн да содржи безбедносни карактеристики и заштитни знаци кои не може масовно да се репродуцираат со употреба на воспоставените техники за фалсификување банкноти.