Падна(л) договор и за интерпелацијата
ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно, в сабота ќе ја поднесе во парламентот интерпелацијата за работата на Владата на Зоран Заев во изминатите десет месеци, за таа да се разгледува уште на првиот работен ден по велигденските празници. Со тоа, вторник – 10 април ќе биде и прв работен ден за опозициските пратеници по повеќе од четири месеци бојкот поради приведувањата за настаните на 27 април 2017 година.
Терминот во кој се расправа за доверба на Владата, практично, го одредува предлагачот на интерпелацијата, со оглед на уставните рокови според кои гласањето за (не)доверба се спроведува во рок од три дена од поднесувањето на иницијативата за тоа. Според тоа, тајмингот што го најавува ВМРО-ДПМНЕ, случајно или не, се совпадна со датумот што за ваква седница го планираше и спикерот Талат Џафери. На редовната понеделничка координација во Собранието, на која и овој пат немало претставници на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Џафери соопштил дека седницата за доверба на кабинетот на Заев би се одржала на 10 април, за потоа до 13 април да може да се донесат и реформските закони.
Усогласеноста меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу системските закони од реформскиот пакет, пред сѐ за оние за кои е потребно двотретинско мнозинство (како што е законот за судови), беше првичната причина поради која се очекуваше враќање на опозицијата во парламентот пред објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на 17 април. Но потоа од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека нивен приоритет е да поднесат интерпелација за кабинетот на Заев, што се толкува како своевидно оправдување за одлуката за прекинување на бојкотот.
Расправата за довербата во Владата трае еден ден и гласањето е на полноќ. Прашање за доверба на Владата може да постават најмалку 20 пратеници, а за евентуално изгласување недоверба на владиниот кабинет се потребни минимум 61 пратенички глас. Во случај да се изгласа недоверба на Владата, таа е должна да поднесе оставка, во спротивно, во следните 90 дена не може да се покренува повторно прашање за доверба во кабинетот на „Илинденска“.
Ова е прв тест на доверба за кабинетот на Зоран Заев, десет месеци по смената на власта на „Илинденска“ – во јуни минатата година.
По очекуваната седница за интерпелацијата во вторник, веќе од среда се очекува продолжување со седниците на чиј дневен ред се законите од планот 3-6-9, кои треба да се донесат до крајот на следната седмица, односно пред објавувањето на европскиот извештај. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги усогласуваа овие закони, кои главно се однесуваат на правосудството и на безбедносниот сектор, во неколку работни групи. (А.М.М.)