Оштетена Триумфалната порта во Париз, штета до милион евра


Учесниците на протестот на „жолтите елеци“ во Париз на Триумфалната порта во саботата и предизвикале штета која се проценува на повеќе стотици илјади, можеби дури и милион евра, изјави претседателот на францускиот Центар за национални споменици Филип Белавал.

Покрај тоа што демонстрантите го оштетија споменикот и националниот симбол на Франција со графити, ја уништиле и неговата внатрешност, каде се наоѓаат вредни експонати, рече Белавал, кој вчера се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон и го запозна со причинетата штета, пренесува „Фигаро“.

– Штом беше можно, во саботата вечер отидов да видим како изгледа споменикот. Тогаш таму се уште имаше демонстранти, меѓу кои имаше и алкохолизирани, изјави Белавал.

Тој најави дека споменикот повеќе денови ќе остане затворен за јавност.

Триумфалната порта беше вандализирана во саботата попладне. Споменикот е оштетен, врз него се напишани графити, претежно против Макрон, а информатичката опрема е онеспособена.

Полицијата се уште трага по лицата кои влегле во споменикот за да го вандализираат и зела примероци од ДНК.

За време на протестот во саботата, регистрирани се кражби во изложбените простори, продавниците и тоалетите, а оштетена е и макета од гипс од триесетите години од минатиот век.