„Остен“ одбележува 50 години Светска галерија на карикатури
Годинава Остен – уметност на хартија одбележува голем јубилеј, 50 години Светска галерија на карикатури. Во 2018 година е редовното издание на Остен – Биенале на цртеж. За промоција на овие две активности во следните три месеци е планирана разновидна програма, рече на денешната прес-конференција извршната директорка на „Остен“ Корнелија Конеска.
Во програмата се предвидени изложби, церемонија на доделување на награди и признанија, промоција на публикации од издавачката дејност на Остен и премиера на документарен филм. Официјалната програма ќе се одвива од денеска до 13 декември 2018 во галерија Остен, во Национална галерија на Македонија – Чифте амам и во ЕУ инфо центарот во Скопје.
Централниот настан ќе биде на 22 ноември година во Чифте амам, каде е предвидено отворање на изложбата на селектираните автори на Остен – Биенале на цртеж Скопје 2018, доделување плакети и признанија на наградените уметници, отворање на документарната изложба „Светска галерија на карикатури (1969 – 2019) и доделување плакети на наградените карикатуристи на 50-та Светска галерија на карикатури Скопје 2018. Ќе бидат доделени и признанија на соработници на Биеналето на цртеж и на Светската галерија на карикатури.
Конеска нагласи дека на Остен – Биенале на цртеж Скопје 2018 досега пристигнале најмногу пријави, од 868 автори од 61 земја од светот. Пристигнале вкупно 2.317 дела. Во март годинава беше соопштено дека Гран при за животно остварување доби Пјер Сулаж од Франција, а Хенри Мур постхумно е добитник на наградата Светско културно наследство.