Одбројување


ЛЕЈЛА САБИТ

Почна одбројувањето во Македонија.

До Нова година или до нови избори.

Зависи во кој филм сте и каде се снима.

Драма, комедија, трагедија, сапуница или трилер.

На Балканот, во ЕУ или во Тунгузија.

Во какво расположение сте?

За турбофолк, поп или за валцер?

На плоштад, покрај свечена трпеза или зимница?

Дали ќе славите или ќе жалите со вино, ракија, виски или шампањско?

Дали ќе ве удри во глава, ќе останете трезни или ќе се разбудите со мамурлак?

Ќе мислите на изглед или на статус?

Ќе трошите на пазар или на базар?

Покрај вас ќе бидат драги луѓе или случајни минувачи?

2019 некој ќе ја памети по добро, а некој по лошо.

Некому годината му донесе среќа, а некому несреќа.

Некому профит, а некому загуби.

Некому надеж, а некому илузии.

39 дена магија со надеж дека следната година ќе ни биде подобра.

Заборавете на лошото и посакајте си нешто убаво во Новата 2020 !