„Ноќ на литература“ во Софија: Промоција на роман од Кокаланов и концерт на Стефановски


Во рамките на седмиот меѓународен книжевен фестивал „Ноќ на европската литература“, вечер во Софија ќе биде претставен романот „Изабела, Исмаела и Аз“ од писателот, сценарист и новинар Сашо Кокаланов.

Настанот е во организација на Чешкиот културен центар во Софија, а со учество на Културно-информативниот центар на Република Македонија и на повеќе од дваесет и пет земји.

Романот е преведен на бугарски јазик во 2006 година и е објавен од издавачот „Балкани“. Делови од романот пред софиската публика ќе читаат македонските актери Игор Дамјанов и Ѓорги Георгиев-Антика.

– Манифестацијата има огромна медиумска поддршка и е мошне популарна во софиската културна јавност, а се одржува и во десетина други градови на Бугарија, соопшти КИЦ на РМ во бугарската престолнина.

Во рамки на „СоФест 2018 – Западни Балкани“, пак, фестивал во чест на бугарското претседавање со Советот на Европа, гитаристот Влатко Стефановски вечер од 20 часот ќе одржи концерт во познатиот Софија лајв клуб, заедно со Теодосиј Спасов (Бугарија), Јелена Јововиќ (Црна Гора), Васил Хаџиманов (Србија), Дритан Хакурани (Албанија) и Амар Чеслар (Босна и Херцеговина).

Свој настап вечер ќе има и младиот македонски пијанист Арда Мустафаоглу во Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија, во организација на Министерството за бугарското претседавање со Советот на ЕУ и фондацијата „Димитар Бербатов“.