Нова демократија: Ципрас и Заев не споменаа ништо за ревизија на Уставот


Промена на уставот и елиминација на иредентистичките позиции, за Нова демократија се неопходните предуслови за постигнување решение.

Од опозициската партија, јавува дописникот на МИА од Атина, преку соопштение реагираат за средбата на Заев и Ципрас во Давос и упатуваат критики до грчкиот премиер дека не може да преговара врз база на националните интереси.

– Решавањето на проблемот меѓу Грција и ПЈРМ како неопходен предуслов ја има ревизијата на Уставот на соседната земја за да се смени нејзиното име и да се елиминираат иредентистичките позиции. За овој клучен параметар ниту господинот Ципрас ниту господинот Заев не споменаа ништо. Јасно е дека господинот Ципрас не може да преговара врз база на националниот интерес, коментираат од Нова демократија во нивното соопштение, пренесува МИА.