Нов роман на Паскал Гилевски


Издавачката куќа „Силсонс“ го објави романот „Во потрага по загубениот син“ од Паскал Гилевски. Во своето ново прозно дело, како што информира издавачот, Гилевски говори за суштествена тема, тесно сврзана со националниот бит на македонскиот народ.

Во поговорот кон изданието, поетот и литературен критичар Раде Силјан истакнува, дека „во романот е пресликана судбината на едно прогонето семејство од Егејска Македонија, кое по триесет години ќе дознае дека нивниот син-единец е жив и дека формирал семејство во Будимпешта“.

– По долги перипетии и потраги родителите го наоѓаат синот, но тој е изнемоштен од страдања и болести. Во тој интервал од десетина дена трагање до една периферна будимпештанска улица се редат сцени, кои ни откриваат потресна драма на лична и колективна судбина, пишува во поговорот.

Паскал Гилевски (1939) е автор на богат прозен, поетски и преведувачки опус. Објавил девет романи, пет книги со раскази и  повеќе антологии од унгарската, грчката, француската и рпската литература.