Николина Андова-Шопова: Спорните песни беа отстранети и не знаевме дека ќе се објават


Николина Андова-Шопова за „Независен весник“ вели дека спорните песни кои се објавени во збирката „АМС Млади поети“ биле отстранети уште веднаш кога ги прочитале. Според неа, задачата на жири-комисијата била да награди три песни, но немале обврска да ја избираат содржината што ќе оди во печатеното издание.

Членовите на жири-комисијата, во состав Николина Андова-Шопова, Јовица Ивановски и Тихомир Јанчовски, имале задача да наградат три песни од сите пристигнати на конкурсот што го објавува Агенцијата за млади и спорт. Нивниот избор е соопштен и на веб-страницата на Агенцијата, а наградените се Радица Стојанова со творбата под наслов „Неискажана“ прво место, „Невермор“ на Елена Богдановска како второнаградена, додека пак творбата „Река“ на авторот Никола Димитриевски беше третопласирана.

– Комисијата во која членувавме јас, Јовица Ивановски и Тихомир Јанчовски имаше задача да додели три награди за најдобрите три песни. Тоа беше единствената наша обврска како жири и ние не учествувавме во уредувањето на збирката и селектирањето на песните што ќе бидат застапени. Текстот што го напишав како предговор на збирката го пренесува генералниот впечаток на сите пристигнати песни. А, одлуката за неселективно објавување на содржините, песните нема врска со жири-комисијата. Нашата обврска заврши со наградувањето на три песни. Ги осудувам сите шовинистички, дискриминаторски содржини. Јас ги прочитав тие песни и веднаш беа отстранети и не знаевме дека ќе се објават. Ние сметавме дека печатената верзија ќе подлежи на некаква селекција – вели за „Независен весник“, Николина Андова-Шопова.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, иако е потпишан како уредник на збирката, и тој се оградува од песните кои содржат говор на омраза и дискриминација.

„Во испечатената збирка поезија од проектот ‘Млади поети’ е објавена содржина која содржи недолични елементи на дискриминација. Изборот на песни што се објавуваат го направи надворешна комисија, која требаше да направи соодветна селекција, при што АМС нема увид во содржината. Агенцијата за млади и спорт се оградува од содржина која содржи дискриминација и смета дека е недолична. Во тек е истрага за утврдување на фактите и причините што довеле ваквата содржина да биде објавена, после што јавноста ќе биде информирана за мерките и одговорноста кои ќе се преземат. Агенцијата за млади и спорт се противи и ќе се бори против каква било форма на дискриминација на родова, етничка или која било друга основа“, напиша Каевски на својот фејсбук-профил.

Јавноста реагираше бурно на содржините од песните потпишани од извесен Даниел Пиљаковски и се бара одговорност за тоа кој дозволил таква содржина да биде поддржана на конкурс што го распишува државна институција. По сите реакции во јавноста и на социјалните мрежи, досега сигурно е дека сите се оградуваат, но дали ќе се преземат конкретни мерки и дали збирката ќе биде повлечена, информации сè уште нема.

И.Настеска