Нивите на Субрата Рој повторно ќе се даваат под закуп


Нова среќа за земјиштето од некогашниот комбинат Џумајлија. Распишан оглас за  907 хектари. Ќе се конкурира за парцели над три хектари. Во огласот ќе нема условувања за висината на инвестициите поради што пропаднаа претходните огласи.

„Не постои услов да се поднесуваат инвестиции, односно проекти за иневстиции со соодветен износ и рок, како што беше во претходните постапки, затоа одлучивме овие 907 хектари во десет блока да бидат дадени на оглас за три хектари, каде што ќе има јавно надавање и ќе важат условите на законот за јавно земјиште“ – изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство.

За неколку месеци под  закуп ќе даваат околу 600 хектари од Џумајлија наменет за помалите земјоделци. Градоначалниците на Лозово и Свети Николе во закупот гледаат шанса за развој.

„Кај нас има регистрирано околу 1000 инвидиални земјоделци, тоа се земјоделци кои плаќаат даноци и придонеси и сето ова е во нивен и наш интерес“ – изјави Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе.

„Во моментов, сме најсиромашни, но по издавањето на земјиштетот од страна на владата, ќе се допринесе за регионалниот развод да биде на повисоко ниво и да има нови инвестиции и вработувања“ – изјави Ацо Велковски, градоначалник на Лозово.

Некогашна Џумалија располагаше со над 4000 хектари плодно земјиште. По затворските казни за злоупотреба за претходните сопственици браќата Слободан и Зоран Даневски земјиштето го доби индискиот бизнисмен Субрата Рој. Од претходната влада беше промовиран како најзначајна инвестиција во агросекторот. Но, земјата од овчеполието не ги виде 20.000-те млечни крави и ветените двесте милиони евра, па договорот беше раскинат.