Неактивирана рачна бомба во српска енклава во Косово ги вознемири локалните жители
Неактивирана рачна бомба е пронајдена во дворот на Младинскиот центар во селото Осојане крај Истог, што предизвика вознемиреност кај локалното население во оваа српска енклава во Косово, објави косовската телевизија на српски јазик Мост.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, косовската полиција информира дека веднаш по пријавувањето на инцидентот излегла на местото на настанот и извршила увид.
Според ТВ Мост, жителите на Осојане се „мошне вознемирени и убедени дека станува збор за обид за застрашување на месното српско население“. Посебно, како што изјавиле жители од селото за телевизијата, „ако се има предвид дека во неколку српски села во Метохија во изминатите денови имало кражби и разбојништва, очигледно со иста цел“.
На информацијата за пронајдена неактивирана бомба во дворот на младинскиот центар во Осојане реагираше и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија при Владата на Србија, Марко Ѓуриќ, кој, во изјава за ТВ Мост, побара „ефикасна реакција на локалните и меѓународните органи во покраината“.
– Очекувам да бидат утврдени сите околности и да бидат пронајдени одговорните за овој опасен инцидент, како и да бидат истражени сите случаи на разбојништва и кражба на стока во српските села јужно од (реката) Ибар, изјави Ѓуриќ.