Највисоки плати во регионот има во Словенија со 1.077 евра, Македонија со најниски плати
Истражување на турската новинска агенција Анадолија за движењето на платите во регионот покажа дека и натаму Македонија е на дното . Највисоки плати има во Словенија кои изнесуваат нешто над илјада евра .
Македонија има најниска просечна нето плата во Европа и регионот, јави турската новинска агенција Анадолија. Близу нас е само Србија.
Највисоки плати имаат словенците. Месечните нето примања таму стигнаа до 1.077 евра во мај годинава. Со тоа Словенија стана држава во регионот со најголеми примања, чија просечна плата надминува илјада евра.
Просечната плата во Хрватска, според последните истажувања на агенцијата, изнесува 866 евра, во Црна Гора 511, Босна и Херцеговина 448, Србија 426, а Македонија со 399 евра е на дното.
Просечната нето плата во месец мај кај нас порасна за 7,1 проценти во однос на истиот месец лани, објави ДЗС. Изнесува 24.509 денари, и е повисока за 1600 денари на годишно ниво.
Според статистиките на Анадолија – Просечната плата во однос на минатата година најмногу пораснала во Хрватска и тоа за 71,42 евра. во Србија пораснала за 29,71 евро, во Словенија за 21,30 евра.
Во Македонија просечната плата за разлика од лани пораснала за 17,38 евра, во Босна за 12,46 евра.
Единствено во Црна Гора нема никакви промени.
Според последните статистички податоци, програмерите кај нас се најплатени. Месечните примања неодамна им стигнаа до илјада евра. Втори на листа се вработените во воздухопловството. Најниски примања пак имаат секторите рибарство и аквакултура со просечна плата околу 12 200 денари.