Награди „Билборд 2018“: Ширан, Марс и Ламар со по 15 номинации
САД- Објавени се номинираните за музичките награди Билборд за 2018 година, при што музичарите Кендрик Ламар, Ед Ширан и Бруно Марс водат со по 15 номинации. Сите тројца се натпреваруваат во категоријата најдобар изведувач, во која уште влегоа и Дрејк и Тејлор Свифт.
За наградата за најдобар нов изведувач во конкуренција влегоа 21 Севиџ, Камила Кабело, Карди Би, Калид и Кодак Блек.
За Билборд титулата најдобар машки изведувач ќе се натпреваруваат Дрејк, Кендрик Ламар, Бруно Марс, Пост Малоун и Ед Ширан, додека во женска конкуренција се номинирани Камила Кабело, Карди Би, Хелси, Деми Ловато и Тејлор Свифт.
„Чејнсмоукерс“, „Колдплеј“, „Имеџн драгонс“, „Мигос“ и „Ју-Ту“ се натпреваруваат во категоријата најдобро дуо/бенд.
Кога е во прашање аренби стилот, номинирани се Крис Браун, Калид, Бруно Марс, СЗА и Д Викенд (најдобар аренби изведувач), Бијонсе, Ријана и СЗА (најдобар женски изведувач) и Калид, Бруно Марс и Д Викенд (најдобар машки изведувач).
Категоријата врвен албум е пополнета со Дрејк („More Life“), Кендрик Ламар („DAMN“), Пост Малоун („Stoney“), Ед Ширан („Divide“) и Тејлор Свифт („Reputation“).
Потенцијални добитници на наградата најдобропродаван албум се Кендрик Ламар, „Пинк“, Ед Ширан, Крис Степлтон и Тејлор Свифт, додека во конкуренција за награда за најдобар саундтрак се „Црниот пантер“, „Судбината на бесните“, „Најголемиот шоумен“, „Чувари на Галаксијата“ и „Моана“.
Доделувањето на наградите е на 20 мај Лас Вегас. Домаќин на престижниот настан е Кели Кларксон.