Москва не го дава Балканот: Платеници обучени од Русија прават паравојска во БиХ
Руски обучени платеници помагаат да се воспостави паравоена единица која ќе му служи на српскиот сепаратистички лидер во Босна, тврди босанскиот портал „Журнал“, а го пренесува британскиот весник „Гардијан“. Информацијата, која според порталот ја потврдил босански министер од безбедносниот сектор, доаѓа во време кога се зголемува анксиозноста околу руските напори за дестабилизација на Балканот и за спротивставување на проширувањето на НАТО во регионот.
Минатиот вторник лидерот на Република Српска, Милорад Додик, приреди воена парада во Бања Лука спротивно на одлуката на Уставниот суд. Според порталот, воена милиција наречена „Српска чест“, која минала обука во рускиот хуманитарен центар во Србија, се подготвува да воспостави паравоена група која би била искористена исклучиво против противниците на Додик. Веб-страницата објави фотографии од кои може да се види оваа паравојска како позира во црни џемпери и во воена опрема. Извештајот на порталот, во кој е вклучена и фотографија од церемонијата, вели дека еден од лидерите на групата, Бојан Стојковиќ, е поранешен српски паравојник кој е обучен во Москва и е одликуван со медал од страна на рускиот генерал Валериј Кајакин.
Босанскиот министер за безбедност Драган Мектиќ вели дека контраразузнавачките и безбедносните служби се свесни за постоењето и активностите на групата.
„Ние веќе подолго време ги имаме овие информации“, вели Мектиќ додавајќи дека не може да сподели повеќе детали бидејќи неговите службеници составуваат целосен извештај за босанското обвинителство.
Групата регрутира лица од српското криминално подземје за да оформи паравоена единица која ќе му биде лојална на Додик. Веб-страницата цитира документ од безбедносните служби во кој се вели дека помошниците на Додик ги договараат целите на новата единица со лидерите на „Српска чест“ меѓу кои е вклучена можна интервенција ако опозицијата го опструира функционирањето на властите.
„За таков претседател вреди да се жртвува животот“, напиша Стојковиќ под фотографијата на Владимир Путин на неговиот инстаграм-профил, се вели во извештајот на порталот. Под фотографијата на Додик, тој напишал: „Никој не може да ни наштети, ние сме посилни од судбината“.
Паравојската во Босна се појавува 15 месеци откако руската контраразузнавачка служба беше вмешана во пропаднатиот пуч во Црна Гора во кој платениците планираа да го нападнат парламентот и да извршат атентат врз Мило Ѓукановиќ, прозападниот лидер на земјата, и да го спречат влегувањето во НАТО. Заговорот беше откриен и Црна Гора стана НАТО-членка во јуни 2017 година. Босанската влада исто така работи на членство во НАТО, но отпорот на Република Српска предводена од Додик е во опасен прогрес.
„Ова е дел од поголема промена во меѓународниот поредок, почнувајќи од инвазијата врз Грузија, Сирија, Украина и мешањето во изборите во САД“, вели Реуф Бајровиќ, поранешниот босански министер за енергетика, оценувајќи дека појавувањето на паравојската во Бања Лука е во клучен момент.
„Русите одлучија да го искористат своето влијанија на Балканот за да го добијат посакуваниот резултат: окончување на Дејтонскиот договор и создавање одделна српска држава“, оцени тој.