Министерката Дескоска во посета на Штип и на дебата со наставниците


Наставници, директори и универзитетски професори од источниот регион денеска во Штип заедно со министерката за образование, Рената Дескоска дебатираа за понудената Програма, а која е и дел од реформите за основното образование.

Дескоска вели дека во целиот овој процес сакаат да одат транспарентно и инклузивно и да ги слушнат директно мислењата на одделенските наставници.

– Сакаме да се преслушаме заедно со нив, да ги слушнеме нивните мислења и коментари околу Програмите кои што се понудени, околу она што значи временски распоред, намалувањето на бројот на часовите за учениците, спојување на определени предмети. Со оглед на тоа што искуството секогаш може да биде позитивно во градењето на политиките и ставовите, рече Дескоска.

Прашана дали од страна на Министерството за образование е побарано формирање комисија за ревидирање на некои учебници согласно договорот Македонија-Бугарија, Дескоска одговори дека такво нешто се уште нема, ниту пак е побарана таква активност од Министерството.

Но, во моментов како што рече Дескоска ги разгледуваат оние учебници кои содржат технички грешки.

– Тоа се однесува од различни области почнувајќи од физика, географија, значи различни области. Сакаме да исчистиме што е можно повеќе од неточностите кои што се соджани во учебниците со цел учениците да имаат соодветен наставен материјал, вели Дескоска.

Таа забележа дека за таа цел е и сменет и законот за учебници,со цел побрзо да се поправат техничките грешки и погрешните преводи, а во предметот физика, како што посочи Дескоска воочени се и погрешно напишани формули.

Градоначалникот на Општина Штип, Балгој Бочварски вели дека е особена чест и задоволство да се организира ваква презентација токму во Штип, градот на првата учителска школа, град од кој секогаш започнуваат промените.

– Децата се основна клетка на општеството. Целта за која сите се бориме е да имаме подобро општество и посветла иднина. Во таа насока, образованието е суштествено важно, а нашиот однос кон учениците ги креира нивните работни навики и ги насочува нивните афинитети. Учениците не треба да бидат само пасивни приматели на информации, краткорочно меморирани, а за кратко време заборавени. Тие треба да бидат активни учесници во промените, со целосна поддршка и поттик од наставниците за развој на креативноста и да бидат авангарда на промените, истакна Бочварски.

Министерката за образование Дескоска и градоначалникот Бочварски денеска напрвија увид во новата спортска сала во ООУ „Славејко Арсов“, во штипската населба Баби, која што е модерно опремнена со сите спортски реквизити.

Од страна на директорот на ООУ „Славејко Арсов“, Павле Мицов е побарано да се изгради топол премин од училишната зграда до спортската сала. Според првичните пресметки оваа инвестиција би чинела околу 18.000 евра