Маџели ги обедини театарџиите и на сцена и во публика
Со претставата „Еден месец на село“, по текст на Иван Сергеевич Тургењев, а во режија на италијанскиот режисер Паоло Маџели во саботата стартуваше новата сезона во Македонскиот народен театар. Претставата ја третира љубовта од повеќе аспекти, како детска љубов, љубов од почит, од интерес, од искреност, од наивност итн. Темата е сместена во 19 век во едно руско село каде што цел месец на село го поминуваат буржоаско семејство и нивните пријатели.
Ова е прво дело преведено на македонски јазик од авторот Тургењев, а воедно и прво негово дело поставено на сцена. Во неговите текстови нема главни улоги, туку е важна колективната игра. Токму затоа, според Маџели, е предизвик да се поставуваат неговите дела.
„Еден месец на село“ е едно од најдобрите дела во опусот на Тургењев и е една од првите реалистични драми. Трагикомедија која нема да ве остави да се изгубите во приказната, туку напротив ве носи со нив на село и целосно ве обзема.
Сценографијата, која ја изработи Лоренцо Банчи, е статична и речиси целата сцена е поклопена со сено, за да се долови селскиот амбиент. Музиката за која е задолжен Љупчо Констатинов, всушност, ја изведуваат самите актери на сцена. Се свири на клавир, тапани, се изведуваат звуци и усно, а во неколку делови како помошен реквизитер е и транзистор.
Темата на оваа трагикомична драма лесно е да се постави во ова време бидејќи проблематиката што ја третира, односно љубовта и сето она што е поврзано со неа се вечна актуелна тема. На премиерата во публика дојдоа голем број актери и театарски дејци како Слободан Унковски, Силвија Стојановска, Милица Стојанова, Славиша Кајевски, како и голем број млади актери кои сè уште студираат или се прикрај со студиите. Меѓу публиката беа заменик-министерот за култура Владимир Лазовски, националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски, како и министерот за финансии Драган Тевдовски.
За поделата на улогите Маџели се решил довербата да им ја даде на Ѓорѓи Јолевски, кој го игра Аркадиј Сергеич Ислаев, богат земјопоседник, но наивен и простодушен кој постојано се сомнева во себеси и во своите квалитети. Неговата сопруга Наталија Петровна ја игра Сашка Димитровска и всушност целата љубов за која се зборува низ претставата е поврзана со неа. Дарја Ризова е во улогата на Вера и глуми една тинејџерка која е сирак, но порасната со богатите сопружници. Афанасиј Бољшинцов го игра актерот Нино Леви и неговиот лик се карактеризира како стар и смотан сосед, но кој има многу пари. Никола Ристановски е во улогата на куќен пријател или Михаил Александрич Ракитин, кој постојано прави „ненамерни“ сплетки. Сашко Коцев е доктор Игнатиј, кој повеќе знае да биде медијатор меѓу љубовници отколку што знае да лекува. Во улогата на воспитувачката Лизавета ја гледаме Тина Трпоска, а во улогата на слугинката Катја е Ана Стојановска. Младите актери Стефан Спасов и алтернација Дамјан Цветановски имаат за задача една посодржинска улога во оваа претстава, а тоа е улогата на учителот студент Алексеј Николаич Бељаев. Александар Микиќ е во улогата на учител Германец, кој на крајот се усреќува со Катја. Гостин актер во оваа претставата е Катерина Коцевска, чиј матичен театар е Драмски. Таа ја игра улогата на мајка на Ислаев, Ана Семјонова-Ислаева која својот син, иако возрасен маж, го третира како да е дете. Коцевска е заслужна и за преводот на ова дело на македонски јазик.
Следната изведба на „Еден месец на село“ е на 2 октомври со почеток во 20 часот, а цената на билетот изнесува 300 денари и може да се набави по електронски пат од веб-страницата на МНТ. (И.Н.)