Маја Глигоровска стана експерт по односи со јавност: Титулата мис ја заменив со титулата магистер
Маја Глигоровска (36), која има завидно портфолио како манекенка и мис, се повлече од модниот свет, но не му кажа дефинитивно збогум на манекенството. Едноставно, како голем дечар, се пронајде во професијата како одделенски наставник, но не заврши тука со професионалното надградување. Неодамна се закити со титулата магистер по односи со јавност на Правниот факултет при УКИМ. Во моментов, иако нема момче, емотивно е среќна и задоволна. Најголем приоритет во животот ѝ е синот Тино (11) кој е ѝ најдобар другар.
Дали се пензионира од модната сцена?
– По 10 години активна работа како манекенка и фотомодел, толку избори, ревии и кампањи… модата е едноставно нешто што е дел од мене и секогаш ќе биде, без разлика што продолжив во сосема нова и различна професија. Не можам да потпишам дека сум се пензионирала бидејќи моето животно мото е – никогаш не вели никогаш!
Зошто стана манекенка?
– Манекенството не беше мој животен сон… во овие води запловив случајно, откако мојата драга пријателка Лила Филиповска ме поврза со луѓето од лотарија – кои ме ангажираа како следна лото-девојка… оттука почна сè и ми се отворија сите врати…
Какво е твоето искуство. Се живее ли кај нас од манекенство?
– Да не звучи клише, ама во мое време на прсти се броевме тие што бевме ангажирани во 90 отсто од проектите. И слободно ќе кажам – да, од модата заработувавме и живеевме многу убаво. Но, како што имам информации, сега не така, и во однос на заработувањето, а и најголемиот проблем го лоцирам во актуелноста на социјалните мрежи каде што секоја втора симпатична девојка е самопрогласен модел, и така се промовира.
Откажа престижен избор. За каков избор станува збор и каде ќе се одржеше?
– Ова е најсвежата понуда што ја добив, првично ми се допадна концептот за изборот за мис на мајки кој нуди поразлично доживување на 70 учеснички од цел свет. Требаше да пристигнам во Тајпеј на 27 јули и сè беше договорено, но по долго размислување одлучив дека не ми е потребно тоа во оваа животна фаза, истиот период ќе го искористам за одмор со семејството, а остатокот да се надградувам како наставник и педагог, она што сум денес. Сметам дека имам доволно титули од избори за убавина за лична сатисфакција.
Мајка си на единасетгодишниот син Константино. Како се справуваш со предизвиците како мајка и на кои животни лекции го учиш синот?
– Син ми го учам дека во животот е најважно да е чесен, вреден и кон сите да биде човек пред сè, и неговиот успех ќе е неминовен. Со него разговарам секојдневно како со возрасен човек, иако има само 11 години. Тино ми е најдобар другар.
Учествуваше на избори на мис, се враќаше дома со титули. Што би ги советувала младите манекенки и мис?
– Точно така, освојував многу титули, но останав запаметена по првото место за мис бикини универзум, како највисоко признание во мојата манекенска кариера. Мој совет за помладите е да не чекаат избор или ревија за да изгледаат добро, да работат на себе во секој момент и во секој поглед, бидејќи убавината е амбалажа, но најважна е содржината што ја нудат која плени и задржува.
Кај тебе не важи максимата еднаш мис, засекогаш мис. Осум години си одделенски наставник во „Браќа Миладиновци“. Дали професијата те исполнува?
– Секако, за ова се определив уште кога одлучував што ќе студирам. По природа сум дечар и уживам работејќи го она што вистински го сакам. Децата се најискрените суштества, среќна сум и исполнета кога поминувам време со моите ученици… секојдневно учиме… тие од мене, јас од нив!
Од неодамна си и магистер по односи на јавност на УКИМ. Важна ти е дипломата или некаде во иднина се гледаш во овие води?
– Магистерските студии по односи со јавност на Правниот факултет при УКИМ за мене беа предизвик. Сакав да се надградувам во овој правец, но секако дека и признанието и титулата м-р ми значат. Се надевам дека еден ден и знаењето што го стекнав ќе ми користи во работата и следните проекти, не застанувам, имам визија и многу идеи.
Што се случува во твојот приватен живот? Каков маж може да те освои?
– Во моментов немам момче, но емотивно сум среќна и задоволна. Ме освојуваат самоуверени мажи, реализирани, кои точно знаат што сакаат и така се поставуваат. Генерално, сакам луѓе со став. Секако, на почеток игра улога физичката привлечност. Но, за нешто да потрае, треба некого да го почувствувам како сродна душа. Човек со кој ќе се разбираме…
Како гледаш на договорот меѓу Македонија и Грција?
– Искрено не би сакала да ја коментирам актуелната политика. Тоа ќе го оставам на политичарите… но се надевам дека ќе го одберат најдоброто решение со кое Македонија ќе оди напред, а и народот ќе биде задоволен.
Секогаш си дотерана во јавноста. Кои се тајните на твојот изглед?
– Toa би го припишала на мојот подзнак девица, затоа што, како што ми велат најблиските, секое влакно ми е на место. Средувањето ми е дневен ритуал, не ми пречи да се пресоблечам и да сменам шминка и петпати дневно. Едноставно, не сум мрзелива, уживам да правам комбинации и да ја следам модата. Тоа ми е љубов. Многу ми е битна негата на косата, за која се грижат од салонот „Хеирду“ во Скопје.
Со кого се дружиш од естрадата?
– Долги години бев дел од естрадата, и своевремено редовно комуницирав со многу луѓе од тој свет, низ времето се исфилтрираа пријателите и останаа оние вистинските, денес секојдневието го поминувам со моите драги пријателки кои по некоја коинциденција работат во ист медиум и сите три се водителки… Јована Стојменовиќ, Татјана Пуленџовска и Лила Филиповска.
Лејла Сабит