Македонски ден на Саемот на книгата во Франкфурт


Во рамките на својата посета на Франкфурт по повод националното претставување на Република Македонија на саемот на книгата, министерот за култура, Асаф Адеми, денеска оствари средба и со директорот на саемот на книгата во Лајпциг. На средбата Адеми истакна дека  претставувањето на авторите од Република Македонија и на нивното творештво на саемите на книгата во светот е приоритет во културната политика на Министерството за култура. Во таа насока,  потенцираше дека секоја година како држава настојуваме да бидеме присутни на веќе етаблираните саеми на книгата во регионот, но и пошироко, на најзначајните манифестации од овој тип во меѓународни рамки.

Република Македонија веќе неколку пати се има претставено на Саемот на книгата во Лајпциг и во ова претставување препознаваме одлична можност за промоција и афирмација на авторите од Република Македонија на меѓународниот пазар, забележа министерот Адеми, кој го информираше својот соговорник и за напорите за олеснување на пробивот на авторите од Република Македонија на меѓународниот пазар преку Конкурсот за странски издавачи кој го спроведува Министерството за култура. На средбата беше споделен заедничкиот интерес за претставување на Република Македонија во Лајпциг каде, веќе следната година, нашата држава би можела да биде присутна со концепција за претставување на автори кои би предизвикале најголемо внимание на саемот, според актуелните тенденции.

Веќе во пладневните часови министерот Адеми присуствуваше на настанот со кој се одбележа претставувањето на Република Македонија на оваа значајна манифестација.

Со овој настан се заокружи претставувањето на Република Македонија на саемот на книгата во Франкфурт. До крајот на годината, авторите од Република Македонија и нивното творештво ќе бидат претставени и на саемот на книгата во Тирана, како и на саемот во Пула, каде Република Македонија ќе биде земја во фокусот.