Македонски алтернативни награди: Четврта борба против шундот


Македонските алтернативни награди годинава ќе се одржат на 16 јуни по четврти пат на позната локација на Школка во Градски парк во Скопје.
Музичката понуда и годинава изобилува со звучни имиња од македонската алтернативна сцена и ќе имаме можност да ги погледнете настапите на „Меморија“, Горан Трајковски – Готра, Васко Атанасовски (Бернејс Пропаганда/Хахаха/Ф.П.О.), „Клан Исток“, диџеј Гоце С.А.Ф., „Д Далтонс“, „Аутмајнд“, „Ноу нејм нејшн“, „Последен удар“, „Шорт фјуз херо“, „Кепурдат“, „Ју“, „К.У.Р.“, „Мариналеда“, „САМ“, „Мај тиар“, „Мен ин а сут“, „Тотално опуштање“, „Фуснота“, „РГБ“, „Морфеј“, „Ал алион“, „КАИН“, Марсо – Група Зеро.

Организаторите велат дека и покрај тоа што се наоѓаат во лоши финансиски услови, сепак и годинава ќе го дигнат гласот против шундот и квазиелитата.

– Оваа манифестација и покрај тоа што не е поддржана од институции или спонзори сепак наоѓа сили веќе четврта година по ред да ја слави македонската музика култура и уметност, кантарот за мерење и премерување не е валиден во ова општество каде шундот и квази елитата сакаат да го наметнат своето господарење. Ние од „Бла бла ТВ“ заедно со македонската алтернативна сцена нема да застанеме и иако се наоѓаме во шок соба, на апарати за преживување со големата поддршка која ја даваме и добиваме на луѓето од сцената може да ветиме дека ќе се бориме до последниот атом, до последната капка крв – вели Дарко Масларковски, еден од организаторите.

Годинава наградени за особен придонес во алтернативната култура се „Лева Патика“, „Зијан“, Васко Атанасовски, „Калн Исток“, „Ноу нејм нејшн“, „Розе Кадилак“, „Ројал Алберт Хол“, „САНС“, Тошо Филиповски, диџеј Гоце С.А.Ф., Мастер Г.
Две награди ќе бидат постхумно доделени за Симеон Иванов – Канго и Златко Трајковски – Хинки.

– Специјална награда ќе добие и филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски и тоа не за успехот на филмот, туку за истрајноста и моќта на креацијата на режисерот кој со минимални средства успеа да го створи своето ремек-дело, што е всушност во корелација на творењето на македонската алтернативна сцена која иако не поддржана и многупати неправедно минимизирана и исмевана, успева од година во година да реализира и материјализира голем дел од македонската уметност и култура на која потоа по добиениот кредибилитет во светот и на Балканот станува препознатлива и праведно вреднувана – вели Масларковски.

И.Н.