Македонија се подготвува за 5Г, 180.000 семејства во „бели зони“


Значително поголема брзина на податочните услуги, промени во начинот на користење интернет, нови продукти од мобилните мрежи на операторите, намалување на бројот на досега регистрираните 180.000 семејства во т.н „бели зони“ – подрачја на кои не постои можност за широкопојасен пристап, а има  потенцијал за користење.

Toa се дел од придобивките од воведувањето на 5Г технологијата во Македонија согласно со најавениот национален оперативен план за развој на брзи и супер брзи електронски комуникациски мрежи.

За да стане реалност оваа технологија во државава, во наредниот период, првенствено треба да се направи промена на регулативата и да се мапираат постојните мрежи за да се искористат слободните капацитети со што ќе се овозможи и приватниот сектор да инвестира во такви технологии и да понуди нови услуги на граѓаните.

Формираните работни групи за националниот оперативен план од почетокот на јануари годинава  работат на утврдување на проблемите за изградба на електронските комуникациски мрежи, потребните промени на законите, ја апсолвираат потребата за поттикнување и зголемување на интересот на граѓаните за користење бродбенд, ги анализираат радиофрекфенциите и сервисите односно услугите кои се поврзани со 5Г.

Предуслови за инвестиците на операторите во новите генерации мрежи

Од телекомуникацискиот оператор Македонски Телеком кои учествуваат во работните групи за изработка на националниот план и оти доставиле голем број предлози и мерки поврзани со имплементацијата на 5G, распределбата на спектарот кој ќе се користи за таа технологија, како и конкретните законски измени.

– Поддршката која ќе ја имаат операторите од страна на релевантните институции  е значајна за динамиката на инвестициите во новите генерации на мрежи, а нивната изградба ќе зависи од исполнување на неопходните предуслови, како што е измена во релевантната регулатива со цел да се овозможи ефикасна и брза изградба на новите 5G мрежи, со што ќе го забрза процесот на дигитализација во сите општествени сфери, изјавија за МИА од Македонски Телеком.

Развојот на новата 5G технологија, укажуваат, ќе ги надмине можностите на постојните безжични мрежи со цел развој на комуникациски услуги достапни од секаде, во секое време и со значително поголеми брзини на податочните услуги. 5G технологијата се очекува да биде глобално распространета, а нејзиниот развој ќе биде усогласен со новите пазарни потреби.  Во таа насока, Македонски Телеком АД како дел на групација Дојче Телеком, во своите развојни планови предвидува имплементација на 5G технологијата и работи на овозможување услови за да биде предводник во таа примена.

Од операторот оне.ВИП, исто така ,посочуваат дека еден од главните приоритети во развојот на технолошките платформи се 5G мобилните комуникации, за што веќе се разгледува кои методологии и концепти ќе бидат применети. Тоа, сметаат, во голема мера е условено од фреквенциските ресурси кои ќе бидат на располагање и особено под кои услови и надоместоци тие ќе се користат. Дополнително, како што велат, неопходно е да се направат соодветни измени во правилата за поставување на инфраструктурните објекти преку кои се обезбедуваат комуникациските услуги.

Оне.ВИП во приоритетните цели го нагласуваат овозможувањето  да се постават базни станици во брзи и ефикасни административни постапки, особено во случаите за кои не се спроведуваат градежни зафати, како што е поставување антени и уреди на постоечки објекти и урбана опрема. – Заради потребата од употреба на поширок обем на фреквенциски ресурси, потребно е значително намалување на надоместоците за фреквенции, смета телекомуникациската компанија.

Според Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), податоците од последниот состанок на надлежните работни групи и досегашниот напредок во мапирање на електронските комуникациски мрежи на телеком операторите како и електронските комуникациски мрежи на јавните институции, покажуваат дека околу 180.000 семејства во РМ моментно не се покриени или нема да бидат покриени во наредните три години со NGA мрежи. Тие се наоѓаат во тн. „бели зони“, а кои од инвеститорите се сметаат за неатрактивни  за изградба на бродбенд инфраструктура.

–    Со цел подобро планирање на Буџетот за државна помош во белите зони, како и за намалување на бројот на семејства кои немаат пристап до NGA мрежи, јавните институции имаа обврска до крајот на јули да ги ажурираат веќе  внесените податоци за својата мрежа, а до средината на месецов тоа треба да го направат и телеком операторите, велат од ресорното Министерство.

Во однос на белите зони од државата има подготвеност да  инвестира во фибер оптичка инфраструктура, што ќе се прави од Буџетот, а  очекува поддршка и од Европската комисија.

Искуствата од другите држави, како што е Словенија, покажуваат дека во изградба на бродбенд инфраструктура  во неатрактивни подрачја  „бели зони“ се користел  моделот на приватно-јавно партнерство. Општините заедно со приватен партнер аплицирале за проекти за изградба на бродбенд мрежи за добивање финансии од државата со што се овозможиле 30.000 нови приклучоци за бродбенд во белите зони.

На важноста на мапирањето на мрежите укажува и оне.ВИП, што сметаат дека ќе помогне во утврдување на приоритетите и обезбедување одржлив регионален развој. Резултатите од мапирањето ќе бидат потребни за утврдување мерки за обезбедување на покривање на „белите зони“, односно подрачјата на кои не постои можност за широкопојасен пристап, а постои потенцијал за користење. Во рамки на работните групи, од оне.Вип ги обезбедиле потребните информации за распространетоста на својата мрежна инфраструктура.

Најголеми придобивки за транспортот, енергетиката и индустријата

Операторите укажуваат на бројни придобивки за граѓаните од воведувањето на оваа технологија, која, треба да биде основа за поконкурентна економија, побрз пристап до информациите и полесен живот за луѓето ширум светот кои имаат потреба од побрз и посигурен трансфер на податоците во реално време.

– 5G технологијата ќе овозможи значително поголеми брзини на пренос на податоци во споредба со 4G технологијата, значително помалo време на доцнење на сигналот и огромен број на поврзани уреди во мрежа. Ваквите технолошки новини на мрежите од петтата генерација значително ќе го промени начинот на кој луѓето го користат интернетот и услугите овозможени преку мобилните мрежи. Односно, 5G технологијата не значи само побрз пренос на податоци, туку таа  ќе донесе и нови функционалности, при што се очекува најголеми придобивки да има секторите како што се транспортот, енергетиката, индустријата, здравството, агрокултурата итн,  појаснуваат од Македонски Телеком.

5G технологијата, како што потенцираат, ќе овозможи сосема нови сценарија и продукти за користењето на мобилната мрежа, како што се фиксен пристап преку мобилна мрежа, иновации на полето на автомобилската и други вертикални индустрии.

– Новата технологија ќе овозможи концептот на Интернет нешта (Internet of Things) да стане реалност. 5G технологијата  ќе овозможи, на пример автономните возила да се најдат на улиците, да функционираат нормално во реалниот свет, ќе најде примена во теле-медицината, во виртуелната реалност, ќе овозможи да следиме спортски натпревари од дома како да сме присутни на трибините или пак да сме на местото од самиот спортист (скијач, Ф1 возач, итн). Ќе се создадат сосема нови можности користејќи ја поврзаноста на големиот број на уреди и сензори. Масовно ќе започне користењето на дронови како помошни алатки во сите индустрии… Едноставно, оваа технологија ќе донесе вистинска револуција, а комуникацијата ќе добие нови димензии, ги набројува компанијата придобивките од оваа најнова технологија.

Просечната брзина на интернет во Македонија 8,82 Mbps

Последите официјални податоци покажуваат дека во Македонија само 30,28 проценти имаат покриеност со средна генерација на пристапни мрежи, 11,63 имаат договор за брз бродбенд, а само 0,55 имаат пристап до супербрз бродбенд.

Според анкетата на Агенцијата за електронски комуникации на РМ во Македонија, интернет пристап до домот имаат 84,5 проценти, а корисници на интернет се 76,8 проценти од населението.

Во анализата на британскиот сајт за споредба на телекомуникациски услуги Cable.co.uk, е наведено дека просечната брзина на интернет во Македонија изнесува 8,82 мегабити во секунда (Mbps). Според брзината на интернетот државава е рангирана на 68. место во светот.

Голем дел од корисниците на интернет во Македонија, односно 66 проценти од анкетираните од страна на АЕК, не знаат дека постои можност да се измери точната брзина што ја испорачува интернет провајдерот, а 42 проценти од тие што се свесни за таа можност ја проверуваат брзината на нивната интернет конекција. Триесет и четири проценти од испитаниците кои имаат пристап до интернет го контактирале провајдерот поради прекин или недостапност на услугата во последните 12 месеци, а кај 54 проценти од нив проблемот е решен истиот ден.

Агенцијата за електронски комуникации и операторите со досегашните активности најавуваат заложби за следење на Европскиот  акциски план за имплементирање на 5G. Според тој план, најмалку еден голем град ќе треба  да биде покриен со 5G сигнал до крајот на 2020, а потоа сите урбани средини и главни  патни правци да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал до крајот на 2025. (МИА)