Ликовна колонија „Културен мост“: Заедно ќе творат грчки и македонски уметници


Ликовната колонија „Културен мост“ првпат годинава се одржува во Струга и ќе биде отворена до 5 јули. На ликовната колонија ќе учествуваат ликовни уметници од Грција и од Македонија, а целта е развивање и продлабочување на културната соработка и пријателство меѓу Македонија и Грција.

Проектот вклучува и заедничка изложба на учесниците на колонијата, која ќе биде отворена на 6 јули 2018 година, во објектот Чифте амам, при Националната галерија на Македонија во Скопје.

Иницијативата за ликовната колонија „Културен мост“ е на Здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје, додека во работата на колонијата се вклучени грчките уметници Ангелос Скуртис, Антигони Каввата, Ели Гравалу, Корнилиос Граменос, Марк Хаѕипатерас и Харалабос Кацацидис, како и уметниците од Македонија: Мирослав Масин, Сергеј Андреевски, Шќипе Мехмети, Исмет Рамиќевиќ, Натали Николовска и млади сликари од Струга.
Паралелно со работата на колонијата, уметниците ќе имаат можност да ги посетат Калишта, Радожда, Вевчани, Охрид и кањонот Матка.

Со проектот „Културен мост“, Здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје дава свој придонес во заложбите за добрососедство, пријателство, соработка и комуникација меѓу уметниците на двете држави, со што истовремено се развиваат и продлабочуваат и културните односи меѓу Република Македонија и Република Грција.

Ликовната колонија „Културен мост“ е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.

Проектор се реализира во соработка со Националната галерија на Македонија во Скопје и Домот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.