Левица против Левицa – кривична пријава за партиското раководство


Група основачи на политичката партија Левица поднесоа кривична пријава против актуелното раководство на партијата. Пријавата е против овластено лице за фалсификување службена исправа. Подносителите на пријавата не откриват на кого се однесува тужбата.  Со оваа партија раководи колективно претседателство, во кое меѓу е моментно најекспониран Димитар Апасиев.

„Ја информираме јавноста дека група основачи на политичката партија Левица, зад кои стои бројно членство, поднесе кривична пријава кон актуелното раководство на Левица. Ова раководство фалсификуваше документи, и ја злоупотреби својата позиција во партијата, како што ги злоупотреби и правните институции во државата со што придонесе во урнисување на правниот систем, а со цел оневозможување демократска промена и делување на членовите на партијата. И сето тоа за заштита на сопствената раководна позиција и лични интереси поради кои се киднапираше и самата партија“, се наведува во соопштението од подносителите на пријавата.
Понатаму се наведува дека група основачи на Левица меѓу кои поранешни членови на президиумот и Централниот комитет, поддржани од повеќе од 300 членови на партијата, поднеле кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против овластеното лице т.е. лице кое ја застапува и претставува политичката партија Левица, за сторено кривично дело фалсификување на службена исправа, и против лице Н.Н. во Основниот суд Скопје за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

До сознанијата за вакво кривично дело, како што е наведено членови на партијата доаѓаат при свикување на вонреден пленум, на кој поради незадоволство од раководството на партијата, членството гласа недоверба на актуелниот ЦК и Президум, недоверба на Трибунатот, недоверба на овластено лице како и на лицето овластено за материјално-финансиско работење и носи одлука за нови управни органи на партијата. Одлуката се носи во Основниот суд – Скопје II, каде се наоѓа и судскиот регистар на политички партии, како би се извршила промената на овластеното лице.

Во текот на рочиштето, судот ја изложил на увид регистрациската влошка со сите документи, во која, се наведува, постои и документ заверен со потпис од овластеното лице од раководството на партијата, кој никогаш не бил изгласан на основачкото собрание и кој не постои во листата на поднесени документи при самата регистрација, а за чие постоење основачите прв пат дознаваат на тоа рочиште, при што констатираат дека станува збор за документ кој раководството го фалсификувало без знаење на пленумот. Второ кривично дело и злоупотреба на правните институции на државата е што тој докумен, како што се посочува, се нашол во регистарската влошка после регистрацијата, што се докажува преку фактот дека не постои во барањето за запишување во судски регистер каде се наведени сите документи кои се поднесени за регистрација на партијата.

На тој начин раководството на партијата, според подносителите на пријавата, го корумпирало правниот поредок за да се заштити од волјата на членството и прекршило закони за свое лично обезбедување. Со оглед на правната екпертиза на раководството, тие точно знаеле дека ги кршат статутот, сите правни акти на партијата како и законите на државата.

Ако раководството на Левица е во состојба да ја злоупотреби сопствената партија и да крши закони за да осигура свое владеење наместо демократски избор на кој членството ќе ја изрази волјата, не сакаме ни да помислиме како би ја злоупотребиле државата и законите за да обезбедат недемократско владеење. Како да веруваме дека раководството го брани Уставот на државата ако го крши законот за да се спаси од демократскиот глас? Како да веруваме на било која правна експертиза и анализа на раководството на партијата, ако свесно корумпираат судски систем за да обезбедат непречено владеење?“, се вели во соопштението потпишано од Перо Оџаклиески, Владимир Куновски од Скопје,  Андон Андоновски, Марјан Ненов, Петре Вртаноски, Страшо Наумоски, Јане Илиоски , Петко Манчевски и Димче Божиновски.