Лазаров: Чекам резултати од магнетната резонанца


Загреб – Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров се надева дека сѐ уште постои можност тој да биде дел од претстојните натпревари на македонската репрезентација на Европскиот шампионат во Хрватска.

Македонија вчера беше поразена од Шпанија, а загубата ќе биде и потешка доколку капитенот Лазаров не игра во продолжението на првенството.

Тој, поради повреда, го заврши мечот по десетина минути игра, а денеска беше на специјалистички прегледи во Загреб, по што изјави дека останува таму.

– Во очекување сум на резултати од магнетната резонанца. Се надевам попладнево ќе знаеме нешто повеќе, изјавил Лазаров.

Според последните информации, повредата на Лазаров сепак не е со тежина за каква првично се стравуваше поради што од Ракометната федерација на Македонија веднаш се ангажирани врвни медицинска лица од регионот кои заедно со лекарскиот тим на македонската репрезентација ќе се обидат да го подготват капитенот за следните предизвици на ЕП.

Дали Кирил Лазаров ќе биде на располагање на селекторот Раул Гонзалес се очекува да биде познато во текот на утрешниот ден, непосредно пред самиот натпревар со Чешка кој почнува од 20 часот и 30 минути.