Кучето на Сала доби нов дом: Таа е дел од нашето семејство


Нала, неговата верна сопатничка, сега е дел од нас и нашето семејство. Никогаш не помисливме да ја дадеме на посвојување“, напиша Ромина Сала, сестра на аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала, кој настрада во авионската несреќа над Ла Манш.

Семејството до последен момент се надеваше дека Емилијано е жив. На длабочина од 67 метри во морето, пронајдено е и извадено мртво тело во остатоците од авионот. Се уште не е потврдено дали станува збор за фудбалерот или за пилотот Дејв Иботсон.

Пред неколку дена, додека траеше потрагата, Ромина Сала испрати емотивна порака што никого не остави рамнодушен.

„И Нала те чека“, напиша таа под фотографијата на верниот пријател на Емилијалано како стои крај прозорот. Кучето секоја вечер застанувало пред прагот и гледало во далечина, чекајќи го газдата да се врати дома.

Кога пред четири години се пресели во Нант, Сала живееше сам. Набргу го доби верниот пријател. И Нала со него требаше да отпатува во Кардиф. По потпишувањето на договорот во Велс, тој, всупност, се врати во Франција да ги среди останатите детали и да го земе кучето со него. Ниту еден од нив не стигна во Кардиф.