Куртулмуш: Сериите се „мека сила“ на Турција
Турскиот министер за култура и туризам Нуман Куртулмуш денеска изрази жалење поради одлуката на најголемиот емитер во арапскиот свет „МБЦ груп“ да го прекине прикажувањето на турските серии во арапските земји, при тоа истакнувајќи дека одлуката е политичка.
– Не е работа на двајца или тројца политичари, кои на маса одлучуваат каква програми ќе гледаат луѓето. Таквата епоха одамна заврши. Пред неколку години нашиот сектор на телевизиски серии доживеа забрзан развој. Луѓето во светот со нетрпение ги очекуваат турските серии. Навистина има голем интерес за нив. Тие се покажаа како „меката сила“ на Турција, истакна Куртулмуш.
„МБЦ груп“ на 5 март соопшти дека повеќе нема да емитува турски серии, поради зголемените тензии помеѓу Анкара и поединечни арапски држави.
Некои арапски критичари на социјалните мрежи водеа кампања против, како што наведуваат, турското влијание преку сериите.
– Ова може да биде добра иницијатива арапските продуценти да создаваат добри арапски драми, што ќе бидат алтернатива за тие што повеќе нема да се прикажуваат, изјави портпаролот на „МБЦ груп“, Мазен Хајек.
Компанијата „МБЦ груп“ е контролирана од саудискиот бизнисмен Валид ал Ибрахим, кој неодамна беше притворен во рамките на големата антикорупциска кампања насочена кон саудиската елита.
„Фајненшл тајмс“ објави дека саудиските власти му наредиле на Ибрахин да го отстапи мнозинскиот дел од компанијата за да биде ослободен, но таквата информација не е потврдена од саудиските власти.