Кремљ: Почнаа подготовките за состанок со Трамп
Започнаа подготовките за средбата на рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп, но се уште не се направени конкретни одлуки, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според него, во овој момент нема договор во врска со посетата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун на Русија.
Песков рече дека, во врска со новата средба на Путин и Трамп, „почнува работата на потенцијалната агенда на ваков состанок“.
– Постојат технички проблеми кои треба да се решат, а се поврзани со времето и местото на состанокот. Бидејќи состанокот ќе се одржи на маргините на меѓународен настан (за жртвите од Првата светска војна), ќе биде неопходно тој (состанокот) да биде вклучен во агендата, рече Песков.
Тој додаде дека „нема планови“ за потпишување на какви било документи за време на состанокот Путин-Трамп.
Советникот за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон минатата недела разговараше со Путин во Москва, по што советникот на Путин, Јуриј Ушаков, објави дека Путин и Трамп ќе одржат состанок на 11 ноември во Париз за време на прославата на 100-годишнината од крајот на Првата светска војна.