Концертна вечер во МКЦ: „Фолтин за франкофонијата“


Утревечер, во 20 часот, во Младинскиот културен центар (кино „Фросина“), концерт ќе одржи македонската група „Фолтин“ со наслов „Фолтин за Франкофонијата“. Концертот се организира во рамките на одбележувањето на Франкофонијата во Македонија, во организација на Францускиот институт во Скопје.

Веќе 20 години, „Фолтин“ е на врвот на македонската арт сцена. Групата има одржано бројни концерти во регионов и надвор, а има издадено и 8 успешни албуми.

„Фолтин“ е една од најпознатите македонски групи чијшто начин на музицирање, честопати квалификуван како надреален, создава интензивен и срдечен амбиент, а нивните настапи се претвораат во вистински перформанси.

Музичкиот јазик на групата е замислена фонетска мешавина на неколку јазици, меѓу кои шпанскиот, португалскиот, романскиот и особено францускиот јазик.

Концертна програма: познати француски шансони во модерен и оригинален аранжман и песни од нивните албуми.