КОНЦЕРТ НА БЛИКСА БАРГЕЛД И ТЕХО ТЕАРДО: Мрачен и енергичен музички театар на три јазици
Генијалниот фронтмен на берлинскиот индрустријал-бенд „Einstürzende Neubauten“ и некогашен член на „Бед сидс“ на Ник Кејв, Бликса Баргелд и италијанскиот композитор Техо Теардо вчеравечер во Македонската филхармонија го претставија својот втор заеднички албум „Нерисимо“ (Најцрниот). Баргелд и Теардо по три години од нивниот деби-албум „Стил смајлинг“ се вратија со целосно нов материјал и за среќа македонската публика имаше можност да ги слушне во живо.
На сцената покрај Барглед и Теардо беа и четворица македонски музичари, тројца виолинисти и еден вилончелист, како и италијанската виолончелистка Лаура Бисчелија и Габриел Коен на бас-кларинет.
Покрај песните кои се наоѓаат на „најцрниот“ албум, отсвиреа и нумери кои се најдоа на нивниот деби-албум, како „What If“, „Mi Scusi“, „Come Up And See Me“, но и една песна од бразилскиот композитор Каетано Велосо.
Музиката што ја создаваат овие врвни музичари не може да се смести во еден жанр, напротив, во нивниот музички израз може да најдеме од сѐ по нешто, но и нешто што го има само тука.
Баргелд, централно поставен на бината во црн светликав костум, како вистинска филмска ѕвезда ни ги пренесуваше стиховите на три различни јазици – германски, италијански и англиски. Со препознатливиот вокал, но и неговите неартикулирани звуци, во зависност која песна ја изведува, ќе ве однесе на моменти во џунгла, на моменти во пустина. Тој е самоук артист, писател, композитор, пејач и режисер, кој неколку години живее на релација Сан Франциско – Берлин – Пекинг. Баргелд на сцената пее, рецитира, глуми, свири на усна хармоника, имитира звуци на животни и меѓу изведбите разговара со публиката.
Веројатно, оној дел од публиката кој од претходно е запознат со ова дуо очекувано се надеваше на целосно заборавање на реалноста, оставање на секојдневните проблеми за миг, подготвени за музичкото патување. Баргелд низ разговор и симпатичен хумор нè потсети дека скопската магла и загаденоста на воздухот се полоши од оние во Пекинг, а во Пекинг е најлошо.
Теардо, иако за македонската публика е помалку познат отколку господинот Баргелд, по вчерашниот маестрален настап создаде сериозна база на фанови кои ќе ја следат секоја негова следна новина.
Тој е оној кој ги држи сите конци додека се на сцена, свири бас-гитара, ги одржува електробитовите, свири на удирачки ѕвона и ги диригира останатите музичари.
Теардо, првенствено работи филмска музика, така и нивната соработка започнува во 2010 година создавајќи музика за германско-италјанскиот филм „Тивок живот“ во режија на Клаудиo Чупелињo. Филмот е крими-драма за човек кој убива 32 лица и стравува дека и тој ќе заврши како оние на кои им пресудил.
Сѐ на сѐ вчерашниот концерт беше едно ретко убаво доживување, а полната сала во Филхармонија е показател дека имаме солиден број на публика за вакви музички експерименти. Меѓу нив најголемиот број беа глумци, режисери, книжевници, музичари, гладни за вакви уникатни настани.
И.Настеска
фото:Б.Грданоски