Колегите ги наградија модните дизајнери: Раф Симонс има најдобра женска колекција, Наоми е модна икона
САД – Раф Симонс од „Келвин Клајн“ (втор пат) и брендот за улична мода „Супрем“ имаат најдобра женска односно машка колекција , според Советот на модните дизајнери од Америка (CFDA). Награда за животно дело доби Нарцисо Родригез, а Донатела Версаче е прогласена за најдобар интернационален дизајнер. Наоми Kембел е модна икона за 2018 година, а Ким Кардашијан-Вест е највлијателна личност во модата. Доделувањето на наградите во сите модни категории синоќа беше прославено на црвен гала тепих во Њујорк во присуство на холивудските ѕвезди.
„Вистинска чест е што жирито ме препозна за годинешната награда. Мојот личен стил секогаш бил под влијание на динамичната улична култура и музичката сцена. Јас сум порасната во модната индустрија и засекогаш ќе им бидам благодарна на американски модни дизајнери што ме поддржуваат во кариерата“, изјави Наоми за медиумите.
Кембел на овој начин им се придружи на листата свои пријатели и останати познати лица кои во минатото ја добиле оваа престижна награда, а меѓу нив се Ријана, Дејвид Боуви, Фарел Вилијамс и Кејт Мос.
„Од чудо од дете до божица на модата. Наоми претставува убавина, активизам и радост на животот“, вели за Кембел претседателката на Советот, дизајнерката Дајана Фурштенберг.