Кипар досега има заработено 5 милијарди евра од продажба на државјанства


За 10 години кипарски граѓани во замена за инвестиции станале 1.685 лица. Досега островот има заработено речиси 5 милијарди евра од овој бизнис.

Рускиот бизнисмен Олег Дерипаски го купи кипарското државјанство во 2017 година, објави британскиот весник „Гардијан“. Властите на островот Афродита му дадоа државјанство на алуминиумскиот магнат во рамките програмата за привлекување богати инвеститори. Првиот обид на Дерипаски да се здобие со кипарски пасош беше неуспешен поради истрагата за перење пари, која ја спроведе Белгија во 2015 година. Подоцна бизнисменот обезбеди потврда од белгиските власти дека не е покрената постапка против него.

Тој е еден од стоте богати Руси и Украинци кои добиле кипарско државјанство. Неговото име се појави во кипарските документи откако парламентот на земјата побара од Министерството за внатрешни работи податоци за инвеститорите што добиле државјанство.

Во почетокот на јануари стана познато дека стотици богати Руси добиле државјанство на Малта. ЕУ постојано ја критикуваше практиката на продажба на пасоши тврдејќи дека властите на овие земји не секогаш внимателно го разгледуваат потеклото на средствата. Малта и Кипар се членки на шенген-зоната, а нивните граѓани лесно можат да патуваат до сите земји членки на Европската Унија.