Интервју со Стефанија Гаштарска, балерина: Со „Бољшој“ ми се оствари сонот


Македонската балерина Стефанија Гаштарска (16) си го оствари својот сон со студирањето на престижната балетска академија „Бољшој“ од Москва. Иако толку млада, зад себе има неколку меѓународни признанија и награди, а од неодамна е и амбасадор на балетскиот светски бренд „Гришко“. Македонската публика ќе има можност да ја види во главната улога во детската балетска претстава „Снежана и седумте џуџиња“ на 21 јануари во Македонската опера и балет со почеток во 12 часот.

Гаштарска вели дека ова не е прва соработка со МОБ, нејзината прва солистичка улога била Маша во претставата „Оревокршачка“ кога таа имала 12 години, но учествувала и во други претстави тука. Сепак, ова е нејзината прва главна улога и вели дека неизмерно ѝ благодари на МОБ за доделената доверба.

Љубовта кон балетот го има уште од малечка, се школува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, за потоа балетското усовршувањето да го продолжи на една од најдобрите школи во областа на класичниот балет Пермското државно училиште во Перм, Русија. Таму започна на нивна покана, а таа е школа со традиција од каде што излегле врвни балетски имиња, првенци во врвни театри во светот. Стефанија е преголем талент во областа на класичниот балет и веќе е призната и позната надвор од Македонија.

Како се подготвуваш за улога во „Снежана и седумте џуџиња“?

– Улогата ја подготвувам две недели додека сум на распуст. Ме подготвуваат мојата професорка Дафина Данилоска и истакнатиот солист Марија Јосифовска, која ја има играно истата улога. Многу сум им благодарна на посветеноста. Интересно ми е на пробите, бидејќи првпат треба да спремам улога што подразбира глума, технички дел, многу сцени, игра со партнер, која ми е исто така ново искуство. Интересно е, ама исто така е изискувачки и тешко. Но, секако, задоволството е огромно.

Чувствуваш ли посебна возбуда или позитивна трема поради настапот пред домашната публика?

– Трема не чувствувам никогаш, но возбуда да. Мене сцената и публиката ме мотивираат, чувството на сцена не може да се спореди со ништо. Рефлекторите, сцената и публиката прават балерините да се маѓепсани.

Студентка си на престижната балетска академија „Бољшој“ од Москва. Какво е чувството да се биде дел од најдобрата балетска академија?

– Тоа е остварување на сонот што го имав од многу мала и искрено има периоди кога ќе се загледам во салата во ходниците кога одам од проба на проба и се прашувам „стварно ли сум овде? Можно ли е да сум овде“. Не се опишува чувството кога ќе стапнеш во салата или сцената што си ја гледал само на Јутјуб и си мечтаел еден ден да си таму. Сега кога веќе сум тука, просто уште не можам да поверувам. Москва е срцето на балетот и пресреќна сум што сум овде и сум дел од најпрестижната академија во светот. Ова е доказ дека соништата се остваруваат само треба многу работа, откажувања, посветеност, многу среќа и најбитно цел.

Неодамна потпиша договор и со најдобриот балетски бренд „Гришко“. Кажи ни нешто повеќе околу таа соработка, за што станува збор?

– Тоа е исто така еден од тие моменти кога си велиш „не, не е можно, зар вистина ова се случува“. Некогаш просто кога ќе се отвори вратата, сите желби стануваат реални. Мене вратата кон Русија ми се отвори со поканата за учество на еден од најдобрите натпревари во Перм, „Арабеска“, после кој добив покана за школување во Перм во една од најстарите и најценети балетски школи во Русија. И така почна сѐ. Да си амбасадор на бренд како „Гришко“ е голем успех, посебно што ги обожавам нивните производи, пресреќна сум.

Во еден претходен разговор, пред околу една година, ми одговори дека омилени улоги што би сакала да ги одиграш се Црниот и Белиот лебед. Дали ова сè уште останува како желба?

– Секако, тоа е желба на секоја балерина, па и моја голема желба. Таа улога е премногу комплексна и бара големо искуство и балетска созреаност, но секако останува една од моите желби.

Досега имаш добиено неколку престижни меѓународни признанија, кои ти се најдраги?

– Дефинитивно сите ми се драги, но натпреварот во Перм, „Арабеска“, би го издвоила. Натпревар со најголема традиција и конкуренција, организиран до перфекција и успехот на тој натпревар го сметам за најголем личен успех и сум многу горда на себе. За тој натпревар ја имав таа среќа да ме подготвува професорката Елисавета Кушовска без која немаше да постигнам толкав успех.

Каква мотивација ти даваат признанијата и наградите?

– Секоја награда е мотивација точно, но она што е најбитно е подготовката за натпреварот, тие подготовки го прават капиталот во нозете. Најкорисни се пробите за натпреварите, ама секако и настапот пред врвно жири како, на пример, Васиљев е искуство кое нема цена.

Кои се твоите следните ангажмани?

– После претставата во Скопје, заминувам повторно во Москва, таму ме чекаат испити и концерти, што значи многу учење и проби. Се подготвувам повторно за натпреварот во Перм, но овој пат како претставник на балетската академија „Бољшој“ и уште еден натпревар во Сочи. Ми следуваат два исклучително тешки натпревара за кои ќе бидат потребни многу проби.

Оценувана од светскиот познатиот Владимир Васиљев
Меѓу позначајните награди и признанија со кои се има закитено Стефанија е сребрен медал за освоено второ место на „Светскиот балетски натпревар“ во Сибиу во 2015 година, кога првото место воопшто не беше доделено. Како учесник со најмногу поени беше поканета да настапува на натпреварот во Орладно, САД, од каде што доби диплома.
Истата година настапуваше на „Доменико Модуњо“, балетски натпревар во Бари, Италија, каде што повторно го освои второто место. Една година подоцна во 2016-тата е финалист на најзначајниот натпревар за балет „Арабеска“ во Русија. Тоа е балетски натпревар со традиција од 1988 година и под заштита на УНЕСКО, именуван по големата балетска уметница Екатерина Максимова.
За сериозноста и квалитетот на натпреварот зборува и тоа што претседател на жирито е врвниот Владимир Васиљев, народен артист на УССР и Русија, танчар, кореограф, педагог признат и познат во цел свет.
– Голема чест и задоволство е едно вакво врвно балетско име да те гледа и оценува – вели Гаштарска која беше единствениот претставник на Македонија во годината во која учествуваше.
Беше во групата јуниори во која се натпреваруваа натпреварувачи од 13 до 17 години, а Стефанија со своите 14 успеа да биде најмалиот финалист и да биде меѓу најдобрите осум.

Ивана Настеска
Фото – приватна архива