Интерактивна изложба „Игри и политика“


„Игри и политика“ (Games and Politics) е насловена интерактивната изложба која ќе биде отворена на 7 февруари на ФИНКИ, во холот на Технолошкиот факултет. Ја организира Гете-институт Скопје во соработка со ЗКМ – Центар за уметност и медиуми од Карлсруе, Германија.

Изложбата ги прикажува видеоигрите како социјални изјави и уметнички објекти и истражува како тие низ игра го развиваат нивниот политички потенцијал. Посетителите стануваат гејмери и сами откриваат како дејствуваат игрите врз нив.

„Games and Politics“ настанала во 2016 година и се заснова на изложбата „Global Games“ на ЗКМ од Карлсруе. Кураторите на изложбата избрале политички насочени видеоигри од последните 12 години, кои ги истражуваат границите и можностите на овој жанр и со тоа претставуваат и предизвик за индустријата на разонода.

– Профитот на браншата на видеоигрите го достигна оној на филмската индустрија. Видеоигрите имаат тенденција да ја одземат доминацијата на Холивуд (и Боливуд). Од детската соба на поединци тие се преселија во дневната соба на многумина. Уметниците го користат овој медиум за да дозволат да се набљудува нивниот начин на функционирање и да ги одмерат границите на видеоиграта. Дизајнерите на игри се осврнуваат на нови теми и нови целни групи. Темите кои тие ги обработуваат се многу широко распространети, соопшти организаторот на изложбата.

На нејзиното отворање ќе присуствуваат Кристијан Хубертс, научник за култура и медиуми од Германија, и Гораст Цветковски, коосновач на Македонската асоцијација за развивање игри-МАГДА.

Гете-институт Скопје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во рамките на изложбата ќе организираат Гејм џем на кој креативни луѓе 48 часа ќе програмираат игри.