„Инкубатор“ со јавен повик до млади неафирмирани уметници


Проектот „Инкубатор“ на Интерарт културен центар поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Македонија го отвори вториот јавен повик за аплицирање на млади неафирмирани уметници кои под менторство на реномирани уметнички имиња ќе имаат можност да работат на свои авторски проекти.

На отворениот повик може да аплицираат уметници на возраст од 16 до 30 години, во три невербални категории – музика, танц и визуелни уметности. Сите пријавени кандидати треба да приложат кратка биографија, а соодветно на посебните категории треба да исполнат технички критериуми достапни на интернет страницата на Инкубатор – www.inkubator.com.mk/apliciraj/.

„Многу сум задоволна од досегашниот развој на проектот „Инкубатор“ и со нетрпение ги очекувам „Инкубатор“ продукциите, кои како финален производ ќе бидат презентирани пред македонската јавност на крајот на јуни– изјави Рисима Рисимкин, уметнички директор и ментор на проектот.

Завршните дела на младите уметници од првиот отворен повик ќе ѝ бидат презентирани на јавноста во повеќе градови низ Македонија, која ќе има можност да ужива во исклучителен мултимедијален сценски перформанс.

Културната програма „Инкубатор“, поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Македонија, претставува нова платформа за интегрирање на млади креативни поединци во современиот уметнички контекст, овозможувајќи им професионална поддршка, менторство и простор за креативна експресија и реализација на нивните идеи.