Изложба на фотографии „Москва денес“ отворена во Охрид


Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид синоќа беше отворена изложбата на фотографии „Москва денес“, поддржана од Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија, Почесниот конзулат на Русија во Охрид, Музеј на Град Скопје и НУ Завод и музеј – Охрид.

За значењето на изложбата пред присутните зборуваше рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак, кој рече дека ниту една изложба не може да создаде целосна слика за толку голем град.

– Но презентираните слики, сепак, го пренесуваат главното – убавината, доброто и човечкото лице на овој прекрасен и стар град, расположение на оптимизам и сигурност во утрешниот ден кое владее кај неговите жители. Ова позитивно расположение е оправдано бидејќи Москва се наоѓа на прво место во Европа според темпото и размерот на градежни активности, рече Шчербак.

Тој уште укажа дека Москва минува низ многу интензивен период на развој, модернизација на инфраструктурата, вовед на нови најсовремени архитектонски решенија и дигитални технологии, меѓу другото и управување со градско стопанство. Посочи дека приоритети на градските власти и на граѓаните на Москва е обезбедување највисоки еколошки, образовни и здравствени стандарди, како и квалитетни промени во животната ориентација на човечки потреби.

Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски на отворањето на изложбата изрази надеж дека во иднина ќе се реализираат поголем број слични културни настани што ќе придонесат за зацврстување на пријателските односи со Руската Федерација, но и во насока на поголема културна афирмација на Охрид.