Изложба на великани: Непознатиот сликар Славко Јаневски и познатиот скулптор Томе Серафимовски


Фото: Борис Грданоски

Славко Јаневски, авторот на првиот македонски роман и еден од основоположниците на македонската современа литература синоќа во Скопје го запознавме и како модерен сликар, со голем талент, иако не завршил Ликовна академија ниту до крај го испекол сликарскиот занает.  Скулпторот Томе Серафимовски,кој дипломирал во Загреб кај славниот Аугустинчиќ, со своите ремек-дела од бронза кои го красат центарот на Скопје и се наоѓаат и во колекциите на италијанскиот експремиер Силвио Берлускони во Рим  и на принцот Чарлс во Лондон, синоќа, кој знае по кој пат  ја потврди својата големина и уметничка дарба.

Салонот на Музејот на град Скопје беше претесен да ги прими почитувачите на делата на Јаневски и на Серафимовски на изложбата која фрла ново светло на нивното творештво, во организација на Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“ и Емил Алексиев како куратор. Беа изложени дел од 200-те слики на Јаневски, масла на платно, во сопственост на семејството, кој ги насликал во периодот од 1968 до 1999 година.

– За разлика од творештвото на Серафимовски, ликовното дело на Славко Јаневски помалку ѝ е познато на јавноста и ова е уникатна можност публиката одблиску да се запознае со овој сегмент од уметничкото творештво на нашиот великан, изјави синоќа промоторот, историчарот на уметност Кирил Пенушлиски помладиот кој наскоро најави објавување на книга за Јаневски како уметник.

Дваесет пак скулптури од бронза на Серафимовски од приватните колекции и директно од негово ателје го красеа холот на Музејот. Беше изложена и последната негова скулптура на Михајло Пупин која Томе не дочека да ја види излиена во бронза. Го затекна смртта, пред две години.

Пенушлиски најави наскоро ретроспективна изложба од сите циклиси на творештвото на Серафимовски кои ќе фрлат ново светло врз неговото монументално творештво.

Новинарот Ерол Ризаов како член на Управниот одбор на Фондацијата синоќа потенцира дека ја имаме таа чест да бидеме сведоци на осветата на мртвите великани за неправдата што им е нанесена од една тиранија и еден режим . Како што гледате, рече Ризаов,  таа освета не е крвожедна, таа е сервирана  студена и без зборови, без злоба и без  лошотија. Таа „освета“ со убавина опоменува  како последен повик да не го обезвреднуваме вредното оти ќе ни треба како насушен леб,  не на нив, оти нив ништо не им треба, туку нам. Ова што го гледате овде  е само мал дел од одговорот на тие што не им е дадено правото да се бранат прогласени од политичка инквизиција за кодоши и предавници без право на одбрана на својата чест.

-Нивното творештво е во витрините на светското културно наследство одамна оценето како посебна културна вредност.  Кога на зборот, на  мермерот, на каменот,на глината  на бронзата, на дрвото, на платното, на хартијата… им се вдахнува вечен живот, тоа се вика уметност. Кога тие обични  зборови наредени според правописот и ракописот на Јаневски и кога  скаменети монументи од рацете на Серафимовски  почнуваат да зборуваат, без да изустат ниту еден збор на јазик што сите во светот  го разбираат, тоа се ремек-дела. Таа повеќевековна оживеана меморија, окована во книгите, сликите и  паметниците од  маестро Серафимовски и Јаневски  остануваат врежани во свеста на сегашните и на идните генерации, како најсилна гаранција за зачувување на трајните вредности на човештвото, рече синоќа Ризаов.

Изложбата ќе биде отворена до 15 октомври.