Иванов бара од МНР извештаи за текот и исходот од последната рунда разговори за името
Претседателот Ѓорге Иванов не е информиран за исходот од последната средба на министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Коѕиас со амбасадорот Метју Нимиц, информираат од Кабинетот на претседателот.
Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, наведува дека на 29 март 2018 година, а по најавената можност за одржување на консултативна средба на државно-политичкиот врв за 2 април 2018 година, преку допис побарале од Министерството за надворешни работи писмено да бидат доставени: Извештај од билатералната средба на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, одржана на 24 јануари 2018 година за време на Светскиот економски форум во Давос, на која се повикуваат двете страни како рамка за водење на разговорите, како и Нацрт-текстовите на грчката билатерална спогодба за надминување на разликата околу името, доставени од грчкото и од македонскотот МНР доставена од македонска страна на 20 март 2018 година, вклучувајќи и информација за тимот што од македонска страна учествувал во изготвувањето на документот. Од Кабинетот побарале и извештаи од билатералните разговори на министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Коѕиас.
– Претседателот Иванов смета дека е неопходно да биде информирана и македонската јавност за текот на разговорите во процесот за надминување на разликата околу името, стои во дописот до медиумите.
Претседателот Иванов е вратен во Македонија уште во неделата наутро, велат од Кабинетот, по денешната изјава на премиерот Заев дека ќе следува лидерска средба за спорот со името кога сите учесници ќе бидат во земјата, посочувајќи дека шефот на државата е во Турција.
– Претседателот Иванов ја заврши работната посета на Република Турција и се врати во Скопје во неделата наутро, посочуваат од кабинетот на претседателот Иванов.